Интер и Пандев го искачуваат светскиот врв
Европскиот шампион во денешното финале на Светското клупско првенство во Абу Даби против африканската сензација Мазембе
Веќе неколку дена во главата на многу фудбалски фанатици во државава се врти сликата од Токио 1991 година кога Дарко Панчев и Илија Најдовски со својата Црвена Звезда убедливо го совладаа Коло Коло и го кренаа пехарот за најдобриот светски тим. Причината за тие реминисценции е Горан Пандев, кој денеска со Интер (18 часот) ќе се обиде во финалето на светското клупско првенство во Абу Даби да го совлада африканскиот Мозамбе и да стане третиот Македонец на светскиот врв.
За време на планетарната ѕвездина слава Пандев имаше осум години. Беше мал сонувач за големи успеси. Сега веќе е изграден фудбалер и европски шампион. Силно посакува да постигне гол како што Панчев му даде на Коло Коло (два постигна Југовиќ), но сепак, тоа не е во прв палн. Најбитно е Интер да ја освои титулата. „Едвај чекаме да излеземе на терен. Атмосферата во тимот е идеална. Ќе го освоиме трофејот“, оптимист е Пандев, кој ќе биде во стартната постава на Рафаел Бенитез.
Шпанскиот стручњак вчера потврди дека по речиси едномесечна пауза на терен се враќа и бразилскиот дефанзивец Маикон. Од друга страна, кажа дека нема да ризикува со Снајдер. Холанѓанецот се повреди на стартот од полуфиналниот дуел со Сеонгхам (3:0).
Самиот Снајдер е убеден дека од клупата ќе биде сведок на триумфот на Интер. „Ќе излеземе на терен и ќе победиме. Повеќето фудбалери закрепнаа од повредите, вклучувајќи го и Маикон. Јас лично сум позитивен“, вели Холанѓанецот.
До пред некој ден ретко кој од Европа имаше слушнато за противникот на Интер. Но, сега сите ја знаеме најновата гордост на африканскиот фудбал. Тоа е клуб од Демократската Република Конго, кој во првото коло на светското клупско првенство ја совлада Пачука, а потоа и бразилскиот Интернационал, промовирајќи се во прв тим надвор од Европа и Јужна Америка кој ќе игра во едно светско клупско финале.
„Веруваме во себе. Тоа можевте да го видите и против Бразилците, особено на стартот од вториот дел. Да, не заборавивме дека нашиот голман беше брилијантен, но да се победи со 2:0 мора и другите делови од тимот да функционираат“, изјави тренерот на Мазембе Ламине Н' Диае.
Како и секој Африканец така и Камерунецот Самуел Ето е одушевен од настапот на Мазембе.
„Тие се фантастични. Најпрвин ја совладаа Пачука , а потоа и Интернационал. Сите Африканци во нашиот тим (н.з Марига и Мунтари) им дадоа поддршка. Навивавме за нив. Треба да бидат горди што го репрезентираат нашиот континент. Но, денеска ќе направиме се' да не го освојат трофејот“, порача Ето. (Н.К)
Веројатни состави
Интер (4-3-2-1): Цезар, Маикон, Кордоба, Лусио, Занети, Станковиќ, Камбијасо, Мота, Пандев, Ето, Милито
Мозамбе (4-3-1-2): Кидиаба, Нкулукута, Кимваки, Касусула, Михајо, Ксаонго, Беди, Еканга, Сингулума, Калујитука, Кабангу. |