Македонија во втор шешир во ждрепката
Женската ракометна репрезентација на Македонија в недела ќе го дознае својот противник во баражот за Светското првенство 2011 во Бразил, а тој ќе дојде од првиот шешир, кој ќе го сочинуваат четвртопласираната селекција на ЕП, потоа Франција, Хрватска, Шпанија, Унгарија, Црна Гора, Холандија и Украина. Во вториот шешир се Германија, Исланд, Словенија и Србија како елиминирани во првата фаза на ЕП, како и Чешка, Македонија, Полска и Турција како победници на квалификациските турнири.
Извлекувањето на осумте двојки ќе се изврши во недела во 12,30 ч. во данскиот град Хернинг. Термините за бараж-дуелите се 4/5 и 11/12 јуни, а мундијалот ќе се одржи од 3 до 18 декември 2011.
Директно учество на СП имаат обезбедено домаќинот Бразил и бранителот на титулата Русија. Покрај осумте победници во баражот, Европа автоматски ќе ја претставуваат трите освојувачи на медали на ЕП во Данска и Норвешка. Азија ќе учествува со четири репрезентации, а Африка и панамериканската зона со по три. (Р.Д.) |