Тотенхем пак падна на „Олд Трафорд“, бизарен гол на Нани
Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ повторно го совлада стариот муштерија Тотенхем (2:0) и повторно се израмни со Арсенал (20 бода - заостануваат зад Челзи пет бода).
Маките на Тотенхем продлжуваат. И во 26 меч, во сите натпреварувања, не успеаја да ги совладаат „бебињата“. Содржаен натпревар најави Парк уште во првата минута погодувајќи ја стативата од голот на Тотенхем, а само седум минути подоцна на другата страна истото го направи Рафаел ван дер Варт. Манчестер поведе во 30 минута, кога капитенот Видиќ го искористи нафрлувањето на Нани и со глава ја прати топката зад грбот на Гомес. Набргу потоа Лука Модриќ добро шутираше од 17 метри, но Ван дер Сар, кој во петокот наполни 40 години, се истегна и одбрани.
Домаќините победата ја потврдија во 84 минута со ретко видениот бизарен гол на Нани. Голманот на Тотенхем Гомес мислеше дека судијата досудил прекршок и ја испушти топката од рака со намера да изведе слободен удар. Но од зад грб му се прикраде Португалецот, дојде до топката и по секунда двоумење ја прати во мрежата. Помошникот најпрвин го поништи голот, но главниот судија Марк Клатенбург покажа на центарот што предизвика жестоки протести кај гостите.
„Требаше да биде слободен удар, бидејќи Нани играше со рака. Тоа беше очигледно, па и Гомес мислеше така. Кажете ми зошто би ја спуштил топката, ако немало прекин. Кој знае што ќе се случеше ако не постигнеа таков гол. Мечот трае 90 минути, а имавме само гол негатива“, зборуваше бесниот тренер на Тотенхем Хари Реднап.
Менаџерот, пак, на Јунајтед Алекс Фергусон за се' го обвинува Гомес. „Тоа беше бизарна ситуација. Нани го погледна судијата кој даде знак играта да продолжи и што друго можеше да направи освен да им даде гол. Голманот е доволно искусен и требаше да реагира многу подобро во таа ситуација“, смета Фергусон.
Како и да е, во таа гужва жолт картон заработи Модртиќ, кој во 62 минута по излегувањето на Роби Кин ја презеде капитенската лента. Токму него интернет сајтот „Гол“ го прогласи за играч на мечот доделувајќи му осумка, за разлика од „Скај Спорт“ кој како и на поголемиот број соиграчи му додели оценка шест. „На теренот не беше Сколс, но беше еден друг понизок генијалец. Хрватот ја диктираше играта на гостите. Одлично се движеше и додаваше“, се вели во извештајот на сајтот.
Резултати од 10.коло: Блекбурн - Челзи 1:2, Вулверхемптон - Манчестер С 2:1, Евертон - Стоук 1:0, Фулам - Виган 2:0, Арсенал - Вест Хем 1:0, Манчестер Ј - Тотенхем 2:0. Табела: Челзи 25, Арсенал 20, Манчестер Ј 20, Манчестер С. 17, Тотенхем 15, ВБА 15 (-1) |