Вардар чекори кон Втора лига
Во многу слаба и здодевна игра Металург со случаен гол го победи Вардар со 1:0
Фудбалерите на Вардар полека, но сигурно чекорат за првпат во својата историја кон Втората лига. Навистина, беа второлигаши во поранешна Југославија, каде што конкуренцијата беше многу посилна отколку што е оваа во самостојна Македонија, каде што Вардар со години доминираше и беше нашиот најтрофеен клуб. Но, сега сето тоа е минато, Вардар не е ниту сенка од оној клуб што беше гордоста на нашата држава, со препознатлива игра, почитуван и ценет противник на најпознатите југословенски стадиони, почнувајќи од „Маракана“, стадионот на ЈНА, „Максимир“, „Пољуд“, „Кошево...“
Денес тоа е една фудбалска руина, клуб, кој моментално нема никаква перспектива, клуб од кој речиси сите кренале раце, почнувајќи од многубројните бизнисмени, градот, па и државата...
Во каква ситуација е Вардар, со каков играчки кадар во сегашниот момент располага, можеа да го видат многубројните љубители на фудбалот во директниот ТВ-пренос на мечот со Металург. За 90 минути вардарците не направија ништо, не создадоа ниту една, не шанса, туку ни полушанса да го загрозат голот на Металург. За цело време се бранеа, речиси не излегоа од својот казнет простор, но не се одбранија. За ваквата нивна кукавичка игра стигна казната во 76 минута кога Љамчевски постигна случаен гол, во обид да ја нафрли топката пред неговиот гол, која заврши во мрежата по несмасната интервенција на голманот Маџаровски. Тој евтин гол им донесе три бода на големиот фаворит на овој меч. Металург, кој доколку продолжи да игра вака, тешко дека ќе може да ги оствари своите амбиции - да ја освои титулата. „Железарците“ како да се вклопија во таа бледа и анемична игра на Вардар, на прсти можат да се избројат нивните шанси, две-три можеби ни толку. Со еден збор, тоа беше фудбал што го прикажаа двете екипи, кој ги брка гледачите од трибините.
Залудно вардаровата навивачка група „Комити“ со своето навивање се обидуваше да ги разбудат своите заспани фудбалери. Ништо не помогна. И сега, по 12 кола, Вардар има само три бода, цврсто го држи последното место. Навистина не гледаме излез од оваа ситуација, па и доколку Брацо Вујчиќ повторно биде спонзор на екипата. Бодовите си заминуваат, не е лесно таа негатива да се надомести, па дури и со ангажирање на повеќето квалитетни играчи во зимскиот преоден рок.
Металург - Вардар 1:0 (0:0)
Стадион на Автокоманда. Судија: Трајче Кипријановски од Скопје. Стрелец: Љамчевски во 76 м. Црвен картон: Стојковски (В), Жолти картони: Стојковски, Никанчевски, Ристов (В), Петковски, Ѓуриќ и Тенекеџиев (М).
Металург: Георгиевски, Демири, Богдановиќ, Илиевски, Михајловиќ, Ѓуриќ, Тенекеџиев (Илиев), Костенцовски (Љамчевски), М. Крстев, Симоновски (Клечкаровски), Петковски.
Вардар: Маџаровски, Никанчевски, Ацевски, Георгиевски, Ристов, Ѓурѓевиќ (Настевски), Трипуновски, Пандовски (Василевски), Силјановски, Мангаровски, Стојковски. (М.М.) |