Арсовски и' го донесе првиот медал на Македонија од СП
Во меч за трето место (над 84 кг) на Мундијалот во Белград, тој го совлада Русинот Тебуев
Од нашиот известувач Сашко Ѓ. Димовски
Да се биде трет во светот не е воопшто мала работа. Чувството кај поединецот, но и на тие околу него, е прекрасно, самодовербата расте, ја прави нацијата горда. Тоа го доживува македонскиот карате-репрезентативец, Жарко Арсовски, кој и' го подари првиот медал на Македонија од Светските првенства што претставува најголем успех за македонското карате досега. Заврши како трет во борби во категоријата над 84 килограми на мундијалот во Белград (88 земји, 1.240 натпреварувачи) по убедливата победа (4:0) над Русинот Тебуев за континуитет во освојувањето медали на големите карате-собири. Лани се позлати на Студентските игри во Кордоба, Шпанија, одличје со идентичен сјај донесе и на годинашните Медитерански игри во Кушадаси, и сега бронза во Белград. Резултати што само ја потврдуваат нагорната линија во неговата форма, резултати што го прават фаворит во трката за спортист на Македонија за 2010 година, а последниот што го оствари во престолнината на нашиот северен сосед ќе го направат и стипендист од светска категорија кај Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. И со право. Жарко го заслужува сето тоа.
„Жаре, Жаре“ ечеше пред „Белградска арена“ во саботата навечер од грлата на 30-тина членови на македонска карате делегација на СП 2010 кои еден час трпеливо чекаа на белградските 0 степени да заврши допинг контролата за да го поздрават својот јунак.
„Навистина немам зборови. Не можам да го опишам чувството. Првпат сум во ваква ситуација и многу сум возбуден, но воедно и среќен. Се' уште не верувам дека успеав да освојам медал на Светско првенство“, беа првите зборови на видно возбудениот Арсовски пред платото на „Белградска арена“.
„Тоа што не успеа брат ми пред шест години во Мексико, успеав јас сега. Неизмерно сум им благодарен на сите оние што ме бодреа во борбите во Белград кои беа исклучително тешки. Верувам дека овој мој успех ќе претставува почеток во освојувањето на медали на македонските каратисти на ЕП и СП. Нема да ветувам многу, освен дека ќе продолжам да работам во исто темпо и во иднина“, додаде Жаре.
Задоволството беше присутно кај сите Македонци кои отпатуваа во Белград.
„Ова е најголем успех во историјата на македонското карате. Се надевам дека медалот на Арсовски ќе ги отвори вратите и за останатите наши каратисти во иднина за позначајни остварувања. Беше доминантен во мечот со Русинот и во ниту еден момент не дозволи победата да биде доведена во прашање. Останува да жалиме што Жарко не стигна до финалето, го заслужи тоа. Во таквата амбиција го спречи противник од Египет што Жарко го победи на Медитеранските игри“, изјави селекторот на македонската репрезентација во борби, Бошко Заборски и дополни:
„Потајно очекував медал и со машкиот тим во борби во екипна конкуренција. За жал не успеавме бидејќи еден од натпреварувачите се повреди, моравме да го замениме, а тоа беше пресудно“. |