Њу Орлеанс, Портланд и Атланта стоотстотни
Во ноќта меѓу саботата и неделата се одиграа девет натпревари во НБА-лигата, а три тима дојдоа до третата победа во исто толку дуели.
Во прашање се Њу Орлеанс, Портланд и Атланта, а во саботата најзвучно одекна успехот на Њу Орлеанс. Предводен од Крис Пол го победи Сан Антонио во гости со 99:90. Спомнатиот организатор на играта постигна 25 поени, а оствари и седум скока и пет асистенции, со што го фрли во сенка својот соперник од спротивната страна, Тони Паркер.
Њу Орлеанс одлично ја одработи третата четвртина што ја доби со плус 15 коша (33:18), а низ целиот натпревар стрелаше импозантно за три поени ( 7/11, 63 отсто).
Портланд со 100:95 го совладаа Њујорк во гости, а најголем потписник на новото славење беше Брендон Рој со 29 коша и шест скока. Атланта пак, повеќе од очекуваното се мачеше со Вашингтон на свој паркет и победи со 99:95. Треба да се истакне одличната партија на Џон Вол, минатогодишниот прв пик на НБА драфтот, кој многу брзо се докажа како најдобар новак во лигата. Во својот втор натпревар постигна 28 поени, пет скока и девет асистенции.
Потфатот на вечерта секако му припадна на Брендон Џенингс од Милвоки. Неговиот тим славеше против Шарлот со 98:88, а Џенингс го оствари првиот трипл-дабл во кариерата. Постигна 20 поени и по десет скокови и асистенции. Фантастично го користеше секој шут. Од игра стрелаше 6/8, а за три поени 3/3.
Во конкуренцијата играч на вечерта секако спаѓа и Дерик Рос од Чикаго кој постигна 39 коша, шест скока и седум асистенции, со што беше вистинска енигма за одбраната на Детроит. Булсите славеа со 101:91.
Резултати, сабота:
Атланта - Вашингтон 99:95, Њујорк - Портланд 95:100, Кливленд - Сакраменто 104:1107, Мемфис - Минесота 109:89, Индијана - Филаделфија 99:86, Чикаго - Детроит 101:91, Сан Антонио - Њу Орлеанс 90:99, Милвоки - Шарлот 98:88, Хјустон - Денвер 94:107.
Резултати, петок:
Филаделфија - Атланта 101:104, Њу Џерси - Сакраменто 106:100, Торонто - Кливленд 101:81, Бостон - Њујорк 105:101, Њу Орлеанс - Денвер 101:95, Детроит - Оклахома 104:105, Минесота - Милвоки 96:85, Мајами - Орландо 96:70, Денвер - Мемфис 90:91, Голден стејт - ЛА Клиперс 109:91, Феникс - ЛА Лејкерс 106:114.
Паркер во Сан Антонио до 2015
за 50 млн. долари
Тоа што во првите пристигнати информации околу продолжувањето на договорот на Тони Паркер со Сан Антонио не се знаеше, го објасни самиот француски кошаркар. Тој на својата официјална интернет страна напиша дека во клубот од Тексас ќе остане до 2015 година и тоа за 50 милиони американски долари.
Тони Паркер (28) меѓу Спарси стигна во 2001 година и беше еден од најзаслужните за освојувањето на трите шампионски прстени (2003, 2005 и 2007 година). |