Поглед
Заштита од паника
Јасмина Јовановска
Пандемискиот грип дојде и во Македонија. Не беше неочекуван. Прашање беше само денот кога тој ќе влезе во земјава, зашто ширењето на новиот грип, како што тврдат стручњаците, не може да се спречи ниту со затворање на границите. А токму патници, и тоа иселеници, ни го донесоа грипот. Првиот сомнителен случај само што ја пречекори границата, за изненадување здравствените власти веднаш реагираа, што е за поздравување. Ги активираа сите заштитни мерки, за кои со месеци се подготвуваа и ги ставија на хартија. На границите поставија засилена здравствена контрола, болниците ги ставија во состојба на подготвеност за работа во кризни состојби, а беа набавени и доволни количества антивирусни лекови.
Но, сите овие мерки, кои ги препорачува СЗО и се применуваат во светот, како да не беа доволни за нашите здравствени власти. Тие, малку посериозно си ја сфатија борбата и превентивата во случајот со новиот вирус. Веројатно тргнаа од поговорката „стравот го чува лозјето“, па подобро да се крене паника, отколку да се дозволи грипот да се шири. И паниката си го стори своето.
На секој случај со симптоми на грип, а за кој се знае дека допатувал од ризично подрачје, не му бега сместување во Инфективната клиника. И не е само тоа, туку секој од сомнителните случаи се лекува со антивирусна терапија, без разлика дали брзите тестови се позитивни или не. Така, препорачувале светските експерти. Па, „тамифлу“ примаа сите сомнителни случаи, иако засега има само три потврдени случаи на Х1Н1. А, терапија примаат и сите лица кои биле во контакт со заболените.
Излезе дека и паниката е добра превенција од новиот грип. Болеста засега е под контрола.
|