Лодра го исфрли Ѓоковиќ од Париз
Французинот славеше против бранителот на титулата со 7:6 и 6:2
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ нема да го одбрани насловот победник на АТП-турнирот во Париз од Мастерс серијата 1000, кој оваа недела се игра во салата „Берси“.
Виновник за тоа е францускиот тенисер Лодра кој во осминафиналето го победи третиот светски рекет со 7:6 (6) и 6:2. Еден ден пред тоа Ѓоковиќ танцуваше по рабовите во мечот со Хуан Монако, но се извлече.
Пласман во четврт-финалето избори и Швеѓанецот Робин Содерлинг кој во првиот сет имаше заостанување од еден брејк против Швајцарецот Станислав Вавринка, но сетот го доби во тај-брејк. Во продолжението на мечот имаше далеку полесна работа, а вториот сет го доби со 6:3.
Швајцарецот Роже Федерер, прв носител на турнирот, лесно избори пласман во четврт-финалето. Вторпат во две недели беше подобар од Радек Штепанек. Го победи во Базел минатата недела, а во „Берси“ славеше со 6:4 и 6:3. Во четврт-финалето вчера Федерер играше против Јирген Мелцер.
Интересна победа оствари Русинот Николај Давиденко, која оваа година е далеку од формата што може да ја презентира. Долго се мачеше против Томаш Бердих. Го загуби првиот сет, вториот го освои во тај-брејк, а тогаш едноставно експлодираше. Третиот сет го доби без загубен гем.
Париз, резултати, осминафинале:
Лодра - Ѓоковиќ (2) 7:6, 6:2, Содерлинг (4) - Вавринка 7:6, 6:3, Мелцер (11) - Ферер 7:6, 2:6, 6:3, Монфилс (12) - Вердаско (6) 6:7, 7:6, 7:5, Родик (8) - Гулбис 6:3, 7:6, Федерер (1) - Штепанек 6:4, 6:3, Мари - Чилиќ 7:6, 3:6, 6:3, Давиденко (10) - Бердих (5) 4:6, 7:6, 6:0. |