Многу кандидати за трофејот
Денес ќе се одржат финалните борби на „Златен гонг“, доминација на кубанските боксери
Миодраг Мицковиќ
Никогаш досега, во историјата на традиционалната боксерска приредба „Златен гонг“ конкуренцијата за освојувањето на вредниот трофеј наменет за најуспешниот боксер не била толку голема. Тоа го покажаа четврфиналните и полуфиналните борби во кои гледавме навистина извонреден бокс со доминација на кубанските и руските боксери, меѓу кои сигурно треба и да се бара освојувачот на „Гонгот“. Ќе потсетиме дека на годинашниот јубилеен 40-ти по ред „Златен гонг“ учествуваат 65 боксери од 13 држави, тоа е практично минијатурно Европско првенство засилено со боксерите од Куба.
Љубителите на боксот попладнево во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 15 часот со директен пренос на Македонската телевизија ќе имаат можност да ги видат финалните мечеви да ги видат најдобрите кои успеаја да го минат филтерот во изминатите два дена во четвртфиналните и полуфиналните мечеви. Да ги видат најдобрите од 65 колку што се појавија на рингот во Скопје во изминатите два дена. Меѓу нив и нашите адути Вели Мумин и Примислав Димовски.
Од кубанските боксери единствено беше поразен барем по завршувањето на четвртфиналните борби Гомез кој во една бескомпромисна борба, полна со пресврти и силни удари кога ги крена гледачите на нозе загуби минимално од Италијанецот Росано со 8:7. Тој меч остави барем досега најсилен впечаток на првиот ден.
Од нашите боксери кои настапија во четвртфиналето единствено победи Ибраим Мустафи кој го совлада Чехот Алекозјан, доста убедливо со 6:1, додека Фатлум Жута загуби од Црногорецот Пешиќ а Горан Антиќ од Бугаринот Павлов. Лоша ждрепка имаше и нашиот Ташков кој налета на Кубанецот Савон носител на сребрениот медал од последното Светско првенство во Милано и се предаде по истекот на првата рунда, бидејќи разликата во класа беше преголема за да продолжи да боксува со оглед дека можеше да доживее и нокаут. Инаку наградниот фонд на „Златниот гонг“ изнесува 10.000 евра. Победниците во полуфиналните борби ќе добијат по 200, во финалните борби по 400 евра, додека освојувачот на „Златниот гонг“ ќе добие награда од 1.000 евра.
На првиот ден во салата „Борис Трајковски“ се појави како специјален гостин освојувачот на првиот трофеј во далечната 1969 година прославениот поранешен југословенски боксер Звонко Вуин кој доби специјална
плакета од Агенцијата за млади и спорт во знак на сеќавање на неговото учество на првиот „Златен гонг“ и освојувањето на трофејот.
Боксерската приредба „Златен гонг“ се одржува под покровителство на Владата на Република Македонија. |