Број 3431  сабота, 13 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Спорт

Абу Даби го дава новиот шампион во Формула 1

Алонсо, Вебер, Фетел и Хамилтон в недела меѓу себе ќе го изберат наследникот на Батон

Роберт Димитриевски

Четиристраната битка за титулата светски првак во Формула 1 за сезоната 2010 ќе добие разврска в недела од 14 ч. во Абу Даби, кога Фернандо Алонсо, Марк Вебер, Себастијан Фетел и Луис Хамилтон меѓу себе ќе го изберат наследникот на Џенсон Батон. Најблиску до шампионскиот пехар е Алонсо како лидер во вкупниот поредок со 246 бода, осум повеќе од Вебер, Фетел е трет со 231, а последен што има барем теоретски шанси е Хамилтон, кој заостанува 24 бода зад водечкиот.

Математиката вели дека Алонсо ќе го зачува тронот ако биде најмалку втор. Вебер би ја освоил својата прва титула со победа, под услов Шпанецот да заврши најмногу трет. Добитната комбинација за Фетел е триумф во Абу Даби заедно со петто место или полошо за Алонсо. Конечно, на Хамилтон би му се сложиле коцките со негова победа, комбинирана со останување без поени на Алонсо, со најмногу шесто место за Вебер и со максимум трета позиција за Фетел.

„Секако дека би се чувствувал лошо ако изгубам во последен момент, но во мојот случај не би имал причини да бидам разочаран од 2010. Во претходните две години најчесто се борев да влезам во третата квалификациска сесија. И Ферари имаше тешка 2009 година, но ние се вративме во игра во завршницата на годинашното првенство, и тоа во услови кога двата болида на Ред бул доминираа, посебно во поглед на брзината“, вели Алонсо. „Не е важно што ќе се случи в недела, бидејќи веќе имам убави спомени. Само од нас зависи дали ќе го освоиме шампионатот. Нема што друго да се прави освен да го освоиме првото или второто место во трката. Тоа е нашата цел“.

Ѕвездата на Ферари, која со своите 29 години може да стане најмладиот трикратен светски шампион во шестдецениската историја на овој спорт, го фали Ред бул, но смета дека Ферари не заостанува во перформансите.

„Ја немаме брзината на Ред бул во свијоците, ниту брзината на Мекларен на правците, но во целина сме конкурентни“, на мнение е првакот со Рено во 2005 и во 2006 година.

Марк Вебер предност му дава токму на Алонсо.

„Фернандо е во најдобра положба“, изјави 34-годишниот Австралиец од Ред бул. „Би бил разочаран ако в недела не го престигнам во генералниот пласман, но и без тоа по добро ќе ја паметам оваа година. Знам дека имам голема среќа што воопшто се најдов во ваква ситуација, па немам причини за незадоволство и ако не станам првак годинава, но во човековата природа е да сака повеќе“.

Себастијан Фетел очекува натпревар меѓу неговиот тимски колега Вебер и Алонсо.

„Најголеми фаворити викендов се тие двајца. Мене ми преостанува да извозам најдобро што можам и да видам каде ќе бидат тие. Дали би можел да му помогнам на Вебер ако во тој момент ги имам изгубено моите шанси за титулата, ќе видиме в недела“, загадочен е 23-годишниот Германец, кој би можел да стане најмладиот шампион во Формула 1.

Во врска со можноста Фетел да го пропушти Вебер како што Маса му дозволи на Алонсо да го престигне во Хокенхајм, седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер прво сака да се разграничи што се подразбира под фер потег, а што под нефер.

„Зависи како се гледа, односно што е за вас фер, а што нефер“, објаснува најуспешниот возач во историјата на Формула 1, кој сега се натпреварува за годинава неконкурентниот Мерцедес. „Нефер ли е да се победи во трка во која сте видливо побрзи? Не сум сигурен дека тоа може да се нарече нефер. Најважно е што сите ние сме многу возбудени за да видиме што ќе се случи, дури и од моја перспектива, бидејќи не знам што поминува низ мислите на Фетел. Што и да прават тимовите, тие имаат различни интерпретации за тоа како сакаат да се справат со работите. Јас имав многу јасна изјава во Хокенхајм и немам причини да ја менувам“.

Луис Хамилтон е свесен дека има само теоретски шанси, но не крева раце однапред.

„Мислам дека е добро да се има искуство и да се биде под притисок до последната трка како еден од конкурентите за највисок пласман. Себастијан и Марк тоа го имаат искусено во пониските категории, но тоа дефинитивно помага. Можам да извозам и подобро и можам да кажам дека сум во подобра ментална состојба во однос на 2007 и 2008 година“, уверува Британецот, кој беше најдобар пред две години.

Самиот изглед на врвот на табелата навестува возбудливо финале на футуристичката патека „Јас марина“, а дополнителна привлечност на трката со која ќе биде спуштена завесата на годинашниот шампионат и' дава вчерашниот прв тренинг, кој помина во знакот на Фетел. Германецот, кој победи на инаугуралното гран-при во Обединети Арапски Емирати минатата година, го имаше најбрзиот круг на патеката на која се вози спротивно од стрелките на часовникот, оставајќи го повеќе од половина секунда зад себе Хамилтон. Трето време оствари Батон, Вебер беше четврти, а Алонсо дури шести.

Ова е првата сезона во која четворица возачи влегле во последната трка со шанси да ја освојат титулата. Досега одлуката паѓала во 25 последни трки, а возачот што бил прв во вкупниот поредок по претпоследното гран-при во сезоната ја освојувал титулата во 16 случаи.

Ако Фетел, Вебер и Алонсо завршат со ист број поени, тогаш нов првак ќе биде Германецот поради повеќе освоени четврти места од другите двајца. Најмалата разлика со која е освоена титулата е од сезоната 1984, кога Ники Лауда беше подобар од Алан Прост за само половина поен.

Со победа во Абу Даби, Алонсо би се израмнил по бројот на гран-при триумфи со трикратниот светски шампион Џеки Стјуарт, кој има 27. Пред нив се само Шумахер (91), Прост (51), Аиртон Сена (41) и Најџел Мансел (31).

Алонсо има пет победи сезонава, а последен кому му побегнала титулата со пет или повеќе освоени трки во едно првенство е неговиот тимски колега Фелипе Маса. Бразилецот во 2008 година се радуваше на шест трки, но првак стана Хамилтон со пет победи.

Мекларен е единствениот тим што освоил поени во секоја трка годинава. Абу Даби, пак, ќе биде последната трка за „Бриџстоун“ како единствен снабдувач со гуми во Формула 1, кој в година ќе биде наследен од „Пирели“.


#
Статијата е прочитана 964 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Многу кандидати за трофејот
Пандев сонува реприза против Милан
Лодра го исфрли Ѓоковиќ од Париз
Поповски привремено селектор
Наградата „13 Ноември“ во рацете на Николовски, Арсовски и на Илиевска
Металург на рехабилитација во Шведска
Роналдо
Мамедјаров се израмни со Аронјан
ФИФА го одби Косово
 


Moldovan president rejects treaty with Romania as 'illegal'
Balkans must fight harder against organised crime, says EU
New Hungarian media law proves controversial