Премиера на монодрамата „Сребрена свадба“
Звездана Ангеловска и Катина Иванова според дело на Маркес во МНТ ја поставија претставата за љубовта, за жената, за староста, за животот
Сунчица Уневска
Денеска во 20 часот на малата сцена во Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерата на монодрамата „Сребрена свадба“, која според делото на Габриел Гарсија Маркес „Љубовна расправа против еден седнат маж“ ја адаптираа режисерката Звездана Ангеловска и актерката Катина Иванова. Станува збор за приватен проект, зад кој застана МНТ, проект кој е направен со голем ентузијазам, со голема љубов, влог и посветеност. Бидејќи, како што рече директорот на МНТ, Сашо Миленковски, денеска само така и може нешто вакво да се направи. „Почеста е одлуката да не се прави ништо. Токму затоа кога дојдоа Ангеловска и Иванова со овој проект бев пријатно изненаден, затоа што се одлучиле да се нафатат на реализација на оваа монодрама, што не е нималку едноставно. МНТ застана зад оваа идеја и се потруди овој проект да стане возможен“, изјави Сашо Миленковски.
За комбинацијата на Звездана и Катина тој изрази особено задоволство, велејќи дека станува збор за фантастична комбинација, а исто така и за повторното поставување на сцената на големиот колумбиски автор, нобеловецот Маркес. „Маркес го сметаме како наш автор. Прво, затоа што е доста поставуван кај нас, а второ и затоа што балканското лудило е многу слично со хиспано-американското“, додаде Миленковски.
Звездана Ангеловска, која магистрираше режија во Русија и на која ова и е четврта претстава во улога на режисер, рече дека идејата за оваа монодрама потекнува од пред две години. Станува збор за текст кој таа го донела од Русија не знаејќи дека Маркес го напишал ова дело во 1987 година, а кое за првпат е поставено на сцена во 1994 година во Националниот театар во Колумбија во рамките на 4. Иберо-американски театарски фестивал. „Сребрената свадба“, како што таа ја нарече својата претстава, се случува на прославата на 25-годишнината на бракот на Грасиела со познатото семејство Хараис Де Ла Вера. Во оваа монодрама, чиј оригинален наслов навестува за што станува збор во исповедта на Грасиела, се работи за навраќање на сите 25 години живот кои донеле многу промени... „Во нејзината трогателна исповед се слават радостите на вљубувањето, несреќите на староста, се наздравува во чест на загубената љубов“, вели режисерката Ангеловска, додавајќи дека станува се' јасно ако кажеме дека се работи за Маркес.
Интересно е дека таткото на магичниот реализам ова дело го пишува во периодот кога се навраќа на романтичните теми во своето творештво. Во 1986 година тој го објавува своето исклучително дело „Љубов во време на колера“, во кое ја опишува и љубовта на неговите родители. Во 1987 ќе ја напише „Љубовна расправа против еден седнат маж“, како некоја круна на долгогодишен брак и на сето она што тој го носи на индивидуално поле, но и многу пошироко. Маркес не би бил Маркес кога и во ова дело не би се осврнал на сите актуелни општествени состојби и ако тоа не го направи силно, магично, остро, поетично, жестоко пробивајќи во психологијата на својата протагонистка. Познато е дека Маркес, авторот на култниот роман „Сто години самотија“, имал и проблеми поради своите политички ставови, но тоа не го спречи и понатаму со своите дела, меѓу кои се и: „Есента на патријархот“, „Хроника на една најавена смрт“, „На полковникот нема кој да му пишува“, па се' до неговата автобиографија „Да се живее за да се раскажува“, да ја возбудува јавноста. Кај нас Маркес е доста преведуван, па како што рече Звездана Ангеловска, и тоа некако го прави овој момент актуелен.
За изборот на нашата примадона на театарската сцена, Катина Иванова, режисерката Ангеловска рече дека таа совршено одговара на ликот на Грасиела. „Катина е полна со ентузијазам, со желба, со напредна мисла која секогаш е во сооднос со младата генерација“, изјави Ангеловска, додавајќи дека тие втор пат работат заедно на Маркес. Имено, пред девет години работеле на претставата „Хроника на една најавена смрт“ во режија на Валентин Светозарев. Катина Иванова пак, изјави дека таа ја знае Звездана како актерка, но дека како режисерка за неа е откритие. „Звезда има таква суптилност, такво чувство и однос кон актерот, со кој умее да го побара најубавото од него“, изјави Иванова и додаде дека соработката со неа и била особено пријатна. Инаку, ова е втора монодрама на Иванова, првата била пред цели 30 години кога по делото на Благоја Ристески - Платнар ја одигра „Карцинома мамае“ во КИЦ.
Претставата е копродукција со МНТ, со „Мал драмски театар“ и со „Пирастро“, а реализирана е со помош на повеќе спонзори, со голем ентузијазам и со голема верба во уметноста, што денеска е навистина реткост. Веќе е договорено гостување во Корча, потоа на фестивалот во Битола и на камерниот фестивал „Ристо Шишков“, а за 2011 планирано е учество на фестивалот во Русија „Монокл“. Претставата трае еден час, а музиката во неа е исто избор на Ангеловска, која рече дека тоа е присетување на едно танго и дека се работи за една нумера од ЦД-то на Васко Серафимов. Преводот од шпански го направи Огнена Никуљска, а дизајнот е на Теодора Стојановска и на Јасмина Дракул. По денешната премиера, планирани се уште две репризи, на 7 и на 12 мај. |