Промоции и трибини на фестивалот ПАКТ
Фестивалот на книгата ПАКТ (промоции, актуелности, книги, трибини) годинава се одржува втор пат во Културниот центар „Феникс“.
Активностите предвидени да се реализираат во рамките на манифестацијата, според организаторот, ќе траат до 15 мај и, притоа, покрај попустот на сите изданија на „Феникс“, кој изнесува 50-80 проценти, предвидени се и следниве содржини: промоција на Библиотеката „Виарт“ со пет книги за деца и млади од македонски автори во издание на „Феникс“; трибина за Меѓународниот саем на книгата во Скопје и саемските презентации на книгата во странство; промоција на антологијата на јапонската хаику-поезија, што ја подготвија Наташа и Петко Дабески; промоција на книгата „Времето на козите“ од Луан Старова на руски јазик, во издание на „Македонија презент“, а во превод на Олга Панкина.
Годинашниот фестивал на книгата ПАКТ, велат од „Феникс“, ќе биде во знакот на новиот светски роман и литературата за деца и млади. Така, посебно место ќе му припадне на светскиот бестселер „Последниот харем“ од германскиот писател Петер Пранге, како и на луксузните изданија „Македонски народни приказни“ и „Најубави руски бајки“ во два тома.
На ПАКТ ќе бидат понудени над 2.000 наслови, со најголеми попусти досега, но и со ВИП-картички за сите посетители, подароци, награди и други изненадувања. Просечната цена на романите изнесува 150 денари, а боенки, сликовници и други изданија за деца може да се набават по цена од 10 до 60 денари. Исто така, со попуст може да се набават лектира за основно и за средно образование, енциклопедии, книги за здравје, разговорници, речници, прирачници и слично. (Н.П.) |