Рецитал на Краповски и на Шкариќ во КИЦ
Културно-информативниот центар – Скопје, вечерва во 20 часот, организира рецитал на Паскал Краповски, виолончело, и Милица Шкариќ, пијано. На програмата се дела од Гранадос, Форе, Коци, Петрович, Абасов и Прокофјев.
Паскал Краповски е роден во Скопје во 1979 година. Потекнува од семејство со долгогодишна музичка традиција од над 150 години. Основно и средно музичко образование завршува во ДМУБЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Диме Стојанов. Дипломира и магистрира на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, во класите на проф. Анатоли Крстев - виолончело соло и проф. Васил Казанџиев и Венцеслав Николов - камерна музика. Учесник е на мајсторски курсеви по виолончело раководени од видни солисти и професори, како што се Минео Хајаши, Анатоли Крстев, Милош Млејник, Албан Герхард и повеќекратен лауреат на државни натпревари во категорија виолончело соло и камерна музика. Настапува на значајни фестивали и манифестации во Македонија и Европа. Солистички настапува со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар на Македонската филхармонија. (К.Р.) |