Почна трагањето по делата што ги украдоа нацистите во 1930-тите години
Во Берлин е објавена базата на податоци за судбината на повеќе од 21.000 дела од Шагал, Кирхнер, Кандински...
Невена Поповска
Во Берлин викендов беше отворена Интернет-базата со податоци на која се наоѓаат документи за судбината на повеќе од 21. 000 дела кои нацистите ги прогласија за „дегенериска уметност“ и ги ограбија од Германските музеи во 1937 година.
Порталот е резултат на истрага која траела осум години. Истражувањата ги правеле историчари од Универзитетот во Берлин и тие го откриваат патот на делата на Франц Марк, Емил Нолд, Ото Диџо, Марк Шагал, Бекман, Василиј Кандински и Ернст Лудвиг Кирхнер итн. Притоа се наведуваат и детали за музеите каде што се запленети делата, а во случаите каде што е познато, се наведуваат и местата каде што се наоѓаат делата денеска, без оглед на тоа дали станува збор за галерии или приватни збирки.
Главен мотив за објавување на оваа база на податоци, како што објаснуваат претставниците на Универзитетот, е надежта дека нивниот јавен регистар ќе го придвижи дотокот на нови информации за оние дела чија судбина сеуште не е позната.
Целта е што повеќе дела да се извадат од депоата и приватните збирки, да се валоризираат, заштитат и секако, да и се покажат на публиката. Светот би требало да знае, велат истражувачите, какви импресивни и модерни уметнички збирки имале германските музеи во триесеттите години од минатиот век.
Но, во сето ова постои еден правен апсурд. Имено, музеите кои биле сопственици на запленетите или украдените дела пред Втората светска војна немаат правен основ да бараат истите да им бидат вратени, бидејќи никогаш до сега не бил повлечен тогашниот нацистички закон што тоа го попречува. Во нешто подобра позиција се наследниците на колекционерите чии дела во времето на грабежот биле изнајмени на музеите. И тие имаат право да бараат истите да им бидат вратени. |