Пачовски и официјално прогласен за фудбалер на годината
Пандев, кој не присуствуваше на изборот, наш најдобар играч што настапува во странство
Сашко Ѓ. Димовски
Гламурозно и спектакуларно мина и најновиот избор за најдобрите во мак-фудбалот за 2008 година во организација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Рефлектори, видео-бимови, балони и згодни хостеси за добредојде на гостите кои вечерта уживаа во изведбите на Ламбе Алабаковски, Елена Ристеска, Туна и одличниот Тони Михајловски во улога на водител на манифестацијата.
Иако сите го очекуваа, но меѓу присутните репрезентативци не беше нашата најголема фудбалска ѕвезда, Горан Пандев (најдобар македонски фудбалер за 2008 година), па во негово отсуство до израз дојдоа останатите како Томе Пачовски (фудбалер на годината во Македонија за 2008 година и прв голман во чии раце завршува ова признание). Тука беше и актуелниот македонски селектор, Среќко Катанец, првиот наш селектор, Андон Дончевски, стрелецот на првиот гол на македонската репрезентација, Зоран Бошковски-Чоко, Драгољуб Беквалац (најдобар тренер во Македонија за годината што изминува).....
Беше презентиран и најдобриот состав на нашата фудбалска репрезентација според гласовите на посетителите на интернет страницата на ФФМ. Во идеалниот тим влегоа Петар Милошевски, Николче Новески, Игор Митрески, Гоце Седлоски, Горан Попов, Величе Шумуликоски, Влатко Гроздановски, Дарко Тасевски, Горан Пандев, Илчо Наумоски и Горан Мазнов. Забележувате меѓу 11 најдобри во интернет изборот го нема Владе Лазаревски.
Меѓу многубројните гости во средата во хотелот „Александар Палас“ беше премиерот Никола Груевски. Пристигна во втората половина од свеченоста, неговото појавување во салата предизвика аплауз, го подигна специјалното признание од ФФМ за посебен придонес на Владата во развојот на домашниот фудбал, им се обрати на присутните и си замина.
По официјалниот дел од вечерта следуваше оној неофицијалниот, закуска и коктел, што добар дел од гостите како да го очекуваа со нетрпение. За само 10 минути беа „исчистени“ сите маси, глетката беше стравична, а луѓето наликуваа како да преживеале егзодус. |