Реал Мадрид дава 18 милиони евра за Роке Санта Круз
Парагваецот од Блекбурн е цел и на Манчестер Сити
Сем Алардајс , новиот менаџер на Блекбурн, би можел да има силни главоболки поради интересот на Реал М. за неговиот напаѓач Роке Санта Круз.
Англискиот „Мирор“ пишува дека мадриѓаните се подготвени да платат 18 милиони евра за Парагваецот, кој е цел и на Манчестер Сити. Војна меѓу овие два клуба се водеше и за францускиот репрезентативец Ласан Дијара, кој сепак, премина на „Бернабе“ за 19 милиони фунти. Реал М. веќе го купи Клас Јан Хунтелар, но очигледно амбииците се да има уште еден квалитетен напаѓач.
Инаку Хунтелар, како што е познато пред да потпише за Реал М. (чинеше 20 милиони евра), потешко се повреди и сега успешно се опоравува. Божикните празници ги слави во Холандија, каде се одработува и завршната фаза од рехабилитацискиот програм. Треба да се појави на тренингот на Реал Мадрид на 29 декември. Првенството во Шпанија ќе продолжи на 4 јануари со 17 коло, во кое Реал М. ќе биде домаќин на Вилјалреал. „Марка“ пишува дека Хунтелар дотогаш може да биде наполно подготвен и да дебитира за својот нов клуб.
Мароканец најдобар во Холандија
Мароканскиот репрезентативец Мунир ел Хамдауи, членот на Алкмар е прогласен за најдобар фудбалер во Холандија за 2008 година. Во изборот учествуваа професионалните фудбалери. Ел Хамдауи со 14 гола е водечки стрелец, а на првото место на табелата е токму неговиот Алкмар. Роден е во Ротердам, а покрај мароканско има и холандско државјанство. Пред Алкмар играше за Тотенхем, Дерби Каунти и Вилем.
Половина тим на Хофенхајм слави Нова година во Њујорк
Европското фудбалско чудо, германскиот Хофенхајм, лидерот во Бундеслигата го покажа колективниот дух на теренот, но сега покажува дека тој живее и надвор од него.
Значаен дел од составот заедно ги слави божикните и новогодишните празници. Селим Тебер, Марвин Компер, Тобијас Веис, Демба Ба, Рамазан Ошчан, Кристофер Јанкер, Пер Нилсон и помошниот тренер Томислав Мариќ ќе ја дочекаат 2009 година заедно со своите сопруги и девојки во Њујорк! Ќе им се придружат и водечкиот стрелец во Бундеслигата Ведат Ибишевиќ, откако ќе ги посети своите родители во Сент Луис, како и Сеад Салиховиќ кој се' уште нема виза.
„Тоа е прилично необично и неверојатно. Заедно се цела сезона, а кога конечно ќе добијат неколку дена одмор повторно не се одвојуваат! Тоа најдобро покажува колку позитивна клима владее во тимот“, коментира тренерот Ралф Раник.
Челзи и Јунајтед славенички на „боксинг деј“
Челзи и Манчестер Ј. успешно ��диграа на традиционалниот „боксинг деј“ совладувајќи ги Вест Бромвич 2:0, односно Стоук 1:0. Челзи тоа многу полесно го направи - за само 45 минути го реши прашањето на победникот со головите на Дрогба и на Лампард. За разлика од него Јунајтед на само седум минути пред крајот го скрши отпорот на Стоук (стрелец Тевез), кој последните 20 минути ги играше со фудбалер помалку, поради исклучувањето на Вилкинсон. Тотенхем на својот „Вајт харт Лејн“ одигра само 0:0 против Фулам, а Портсмут беше прегазен од Вест Хем на свој терен 1:4.
Табела: Челзи 41 (19 меча), Ливерпул 38 (18), Манчестер Ј 37 (17), Астон Вила 34 (18)...... |