Ѓорче Петров нема да се повлече од ЛШ
И покрај беспарицата, и клубот и ракометарките се решени достоинствено да го довршат настапот
Роберт Димитриевски
„Цврсто сме решени достоинствено да го довршиме настапот во Лигата на шампионите, па макар и од свој џеб да го платиме тоа“, категоричен е директорот на Ѓорче Петров, Димитар Тодоровски, по информациите дека поради тешката финансиска ситуација во која се најде европскиот првак од 2002 година по заминувањето на главниот спонзор „Кометал“ на Трифун Костовски можно е дури и повлекување од ЛШ. До крајот од натпреварите во групата А ѓорчепетровки на 2 јануари ќе го пречекаат бранителот на европската круна Звезда Звенигород, на 18 јануари и лидерот во групата Икаст, а за 11 јануари е предвидено гостувањето во Ѓер. По три кола најтрофејниот ракометен колектив во Македонија е последен на табелата, без бодови.
„Би била голема глупост да се откажеме сред сезона. Ни преостанува едно гостување, па ако треба и со автобус ќе отпатуваме за Унгарија. Не смееме да си дозволиме да бидеме казнети и ние како клуб и Федерацијата. Ѓорче Петров, сепак, е поранешен европски шампион и уште два пати финалист во ЛШ“, објаснува Тодоровски. Во таквата намера вели дека добиле поддршка и од ракометарките, кои преку Драгана Пецевска го известиле раководството дека ќе останат лојални докрај и оти ќе дадат се' од себе дури и за продолжување на евросезоната со евентуален пласман на третото место во групата, кое води во Купот на куп-победниците.
Тодоровски напомнува дека побарале поддршка и од Агенцијата за млади и спорт, но од таму добиле одговор дека „нема основа врз која би помагале клубови“.
„Кога станавме европски шампиони државата ни додели дури и парична награда, а сега, кога ни е најтешко, ни врти грб. Се прашувам за кого ли постоиме како најтрофеен клуб во македонскиот ракомет, кој е столб и на репрезентацијата што неодамна го оствари најголемиот успех на европските првенства со седмото место на ЕП во Македонија“, резигнирано додава директорот на единствениот женски ракометен првак по осамостојувањето на државата.
Поради беспарицата, Ѓорче Петров со Звезда ќе игра во СРЦ „Кале“ (почетокот е во 20 ч.), а со Икаст во салата „Борис Трајковски“ на барање на данските спонзори и на тамошната државна телевизија. Поради нејзиниот интерес за вршење директен пренос, терминот на мечот е поместен за 14,50 ч.
|