Македонскиот велемајстор Никола Митков (рејтинг 2556) оствари половичен успех на 21. Меморијален шаховски турнир „Карлос Торе Репето“ во Јукатан, Мексико. Делот од турнирот што се играше по Швајцарски систем и во конкуренција на сто шахисти Митков го заврши на четвртото место со 4,5 поени од шест партии, а потоа на стартот од нокаут-фазата беше елиминиран од ВМ Лазаро Брузон (2623) од Куба со 1,5-0,5. Во основниот дел репрезентативецот на Македонија ги совлада ФИДЕ-мајсторот Карлос Гармендез (2189) од Мексико, ФМ Фабијан Гутиерез (2308) од Куба, интермајсторот Арамис Алварез (2466) исто така од Куба и ФМ Џејсон Алфорд (2317) од Мексико, ремизира со ФМ Лелис Мартинез (2485) од Куба, а загуби од ВМ Георг Мејер (2558) од Германија. (Р.Д.)