Мислења
„Ринија“ - отруена еднаквост
Филип Петровски
Парадигматичен е овој пример на непочитување на институциите и многу излегува надвор од рамките на едно труење
Одвреме-навреме преку медиумите слушаме за труења со неисправна храна. Притоа, редовно сме известувани за бројот на затруени и тежината на труењето. Каков и да е случајот, по правило, за некој ден е зад нас и ние си продолжуваме со редовната живејачка, како ништо да не било, затоа што ваквите појави, за волја на вистината, кај нас се чести. До некој нов, нареден случај на труење. И јас самиот најмалку двапати се имам затруено од готова храна купена во градов. Нејсе, оваа недела бевме информирани за пример на труење кој далеку ги надминува сите вакви случаи во моето сеќавање.
Имено, еден ден пред прославувањето на празникот Рамазан-бајрам, дознавме дека во Скопската стара чаршија е затворена слаткарницата „Ринија“, која продавала неисправни слатки. Првичната бројка на затруени беше околу 70. Дотука овој случај не се издвојуваше многу од сите претходни. Да не се разбереме погрешно, ниту едно труење не е оправдано, ниту може да биде толерирано. Се поставува прашање, всушност, што јадеме ние, каква е храната и има ли во нашето општество стандарди кои треба да се следат?
Сепак, случајот „Ринија“ продолжи, на општо чудење. Дента кога се појавија првите случаи на труење, од кои некои беа и потешки, слаткарницата ја затвори надлежниот инспекторат. Ама профитно и претприемачки ориентираниот сопственик се досетил сам да ја отвори слаткарницата еден ден пред Рамазан-бајрам, за да си ги распродаде залихите од затруени слатки и торти. Парадигматичен е овој пример на непочитување на институциите и многу излегува надвор од рамките на само едно труење, односно од рамката на нечие изолирано непочитување на законот. Повторно отворената слаткарница работеше со полна пареа. На вести можевме да видиме како редици граѓани, задоволни, излегуваат и се упатуваат кон своите домови. Од одговорните во слаткарницата никој мува не го лазеше што надвор стојат телевизиските камери кои го регистрираат отворањето на објектот кој само ден претходно бил затворен од надлежната инспекција. Што ви кажува тоа за односот кон државата? Што ви кажува тоа за односот на државата кон своите надлежности?
Како последица на ова слободно нат��реварување на отворениот пазар, со добар маркетиншки трик (евтини торти за само 100 - 150 денари) сопственикот на слаткарницата успеа да ги распродаде своите слатки, до последна. Нема што, оваа логика изгледа пазарно, нема загуби, дури и во ситуација кога тие се полни со бактерии и отрови. Меѓутоа, веќе на денот на празникот бројката на затруени кои побараа лекарска помош достигна 150. Беше тоа во средата, за во четвртокот бројката веќе да достигне околу 260. Имајќи го сопственото дамнешно искуство на труење од храна, кога сам се лекував, не пријавувајќи се во медицинска установа, можам само да претпоставам колкава е навистина бројката на затруени. Најмалку помножено со два.
Да не беше овој случај со „Ринија“ немаше да дознаеме дека инспекторатот, односно Дирекцијата за храна била без прв човек. Тоа е само уште еден сериозен аспект на проблемот. Оставањето на овие институции подолго време неекипирани, може да доведе до катастрофални последици на теренот. Претпоставувам се сеќавате на случајот со слаткарницата „Дервен“, која само пред еден месец, исто така, затру повеќе од 100 луѓе. Притоа, тој случај повторно влегува во временската рамка кога оваа Дирекција е без прв човек. Да потсетам дека и при овој случај слушнавме обвинувања и префрлање на одговорноста од една институција на друга. Наводно, и МВР не си ја завршило задачата затоа што не варделе дали повторно објектот е отворен. Не сум сигурен дека тоа министерство требало да варди, но едно е сигурно, не смее да се дозволи разводнување кога се во прашање вакви случаи кои не смее да се повторат. Зашто, благата, млака реакција може само да стимулира и во иднина вакво однесување.
Има уште еден аспект кој сметам дека е потребно да го истакнам. Не е популарен и многумина се склони да го заобиколат, само за да не си создаваат главоболки или, пак, да бидат обвинувани за национализам. Ќе потсетам на случајот од познатата пластичарска улица во Скопје од пред околу една година. Во акција на УЈП повеќе објекти во таа улица беа затворени поради прекршување на законски прописи. Но, веќе утредента, иако станува збор за сериозно прекршување на законот, сите објекти беа повторно отворени, самоволно од сопствениците. Сето тоа можевме да го проследиме во нашите домови, на вестите на сите ТВ-станици. Оттогаш наваму не слушнавме за кривични пријави, ниту пак какво било известување за понатамошни реакции на државните органи. Немаше санкции. Немаше ништо што тие сопственици би ги принудило да го почитуваат законот. Штом е така, значи дека така треба да се дејствува, така може да се помине низ иглени уши и нема да боли. Повеќе пати сум пазарел на таа улица, која патем е многу блиску до слаткарницата „Ринија“. Никогаш не станало збор за фискална сметка. Таму фискалните апарати служат за декорација... Ама, тоа е приказна за друг пат.
Поентата е дека кога сопственикот на слаткарницата увидел дека така се работи, односно дека може секој сам да си ја отвори продавницата, независно од забраната на некоја си инспекција. Тоа и го направил. Овој случај во ништо не се разликува од случајот на т.н. пластичарска улица. Тие си отворија сами, слаткарницата „Ринија“ си отвори сама. Претходно немаше последици, тогаш реално е сопственикот на слаткарницата да заклучи дека и во овој случај ќе биде така. Почитувани, потребно е да се истакне дека законот мора да важи за сите еднакво. Правата кои секој од нас ги има исто така. Ова не се некои празни пароли. Отворено ќе кажам дека граѓаните- Македонци често кажуваат дека законот не важи еднакво кога се во прашање граѓаните-Албанци. Често, она што е казна за бизнисот на граѓанинот-Македонец, е небитна, споредна работа за граѓанинот-Албанец. Не сум чул некој да се дрзнал да си отвори сам, по затворање од надлежна служба, да речеме во источна Македонија. А, од друга страна, сум чул од инспектори дека имаат скрупули кога треба да контролираат во делови на градови каде што мнозинство се граѓани-Албанци. Нема причина законот да не важи за сите еднакво. И одговорноста да ја споделиме. Судбината ни е заедничка. Затоа секој сам нека си плаќа струја и даноци и нека биде еднаков пред законот.
Сосема на крај, што велите за фирмата „Ринија“, дали треба да биде напишана и на македонски? Или е законски само на албански?
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk |