Брoj 2803  сабота, 04 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Наука
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Хашките предмети во менгеме

Дилемите околу Законот за амнестија, според експертите, се политички мотивирани

Гордана Дувњак

Четирите хашки предмети се повеќе личат на тежок камен врзан за нозете на владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Политичкото чекорење на партнерите во власта засега се' уште е синхронизирано и стабилно, но веќе се појавуваат првите знаци на тетеравење. И покрај тоа што и премиерот Никола Груевски и Али Ахмети упорно тврдат дека владиниот брод плови мирно, прашање на ден е кога хашките предмети ќе донесат политичка бура.

Клучната дилема што сака да ја наметне сегашниот партнер на Груевски - ДУИ, но и поранешниот сојузник – ДПА, и во домашната и меѓународната јавност, е јурисдикцијата на хашките предмети. Според македонските експерти по кривично право, но и според практичарите, ваквите дилеми се вештачки и наметнати. Тие сметаат дека домашните правосудни органи се должни да постапуваат по овие предмети, кои не само што не подлежат на Законот за амнестија туку и не застаруваат. 

Засега власта успева некако да маневрира и да го менаџира целиот процес, доведувајќи ги во неблагодарна улога македонските правосудни органи. Зашто хашките предмети се ставени во менгеме меѓу политиката и правото. Од тоа дали ќе натежне политичкиот договор или ќе им се препушти на институциите да го завршат својот дел од работата, без да се прејудицира крајниот исход, ќе зависи и имиџот на Македонија како правна држава. Бившите ЈУ-републики веќе имаат солидно искуство на овој план и секоја на свој начин се справува со темните петна од минатото.

Првите знаци на тревога во албанскиот кампус се појавија уште со веста за закажаното судење за првиот од четирите вратени хашки предмети, познат во јавноста како „Малтретирањето на градежните работници“. По очекуваното фијаско на првото судско рочиште, кога на обвинителната клупа се појави само еден од 23 обвинети, албанските партии го запалија црвеното светло. Новото судско рочиште е закажано за 17 октомври, до кога ќе биде појасно дали ќе се репризира истата ситуација. Полна сала со судии, адвокати, обвинители, новинари, семејства на оштетените, но без присуство на обвинетите. Во текот на сите овие години исполнети со страдање и срам, двајца од петтемина малтретирани работници починаа и не ја дочекаа правдата.

МВР и натаму тврди дека постапуваат по барањето н�� овластениот судија Горан Бошевски од скопскиот Кривичен суд и настојуваат да го обезбедат присуството на сите обвинети на денот на судењето. Помошникот на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, Иво Котевски, вели дека се планира стражарно приведување во судница на сите обвинети, а моментно се трага по пратеникот Хисен Џемаили, за кого е одреден притвор.

„Се' уште трагаме по пратеникот кому неодамна му беше одземен имунитетот. Тој моментно е недостапен и се обидуваме да го лоцираме каде се наоѓа“, гласи стандардната изјава на Котевски, која може да се слушне деновиве како одговор на новинарските прашања.

ДУИ и ДПА генерално имаат ист став околу прашањето на амнестијата, но различни се само модалитетите со кои сакаат да ја остварат целта. А таа е - да не дојде до отварање на хашкото досие, бидејќи тоа засега високи партиски функционери од ДУИ, но и луѓе блиски до ДПА.

ДПА преку претставници на НАТО во Скопје испрати писмо потпишано од лидерот Мендух Тачи, во кое партијата го известува генералниот секретар на Алијансата, Јап де Хоп Шефер, за неспроведување на Законот за амнестија – со процесуирањето на хашките предмети. Според оваа партија, со тоа се крши законот и арогантно се предизвикува мирот. Претходно, ДПА побара и автентично толкување на Законот за амнестија. ДУИ инсистира на меѓународна експертиза, за која во овој момент ниту има поширока согласност ниту, пак, кажува кој треба да ја спроведе.

Насер Зибери, кој работеше на изработката на Законот за амнестија во 2001 година, смета дека случаите се во надлежност единствено на Меѓународниот трибунал. Тоа што Хашкиот суд ги вратил предметите, за Зибери значи дека судот немал елементи за процесуирање.

„Со членот еден од Законот за амнестија се опфатени сите случаи поврзани со конфликтот од 2001 година. Заклучно со 26 септември 2001 година. Исклучени се само прашањето кои се во надлежност на Меѓународниот суд во Хаг, а кои се однесуваа за дела со кршење на тешкото хумано право. Се' друго е опфатено со Законот за амнестија и е исклучена територијалната, материјалната и временската надлежност на македонските судови“, рече Зибери.

Државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски е дециден дека хашките предмети во никој случај не можат да подлежат на Законот за амнестија. Тој нема никакви дилеми околу тоа дали македонските судови се надлежни да постапуваат по четирите предмети.

„Хашкото обвинителство ни ги врати предметите за натамошно процесуирање. Тоа го стори и со други слични предмети во Босна, Србија и Хрватска. Како може тамошните институции да бидат надлежни, а да се оспорува нашето право за постапување. Сосема друга работа е тоа што цели 5 години додека беа во Хаг не е преземено ниту едно ново истражно дејство“, нагласува Шврговски.

Слично размислува и кривичарот д-р Никола Тупанчевски, според кого сосема се непотребни и нецелисходни барањата за меѓународна експертиза и за автентично толкување.

„Нема место за толкување, зашто со Законот се изземени кривичните дела поврзани со воени злосторства, кои не застаруваат“, потенцира Тупанчевски. Тој потсетува дека Статутот на Хашкиот трибунал дозволува преземање на случаите во која било фаза од постапката.

Но, дали политиката може да му го затвори патот на правото.

Нашите соговорници тука креваат рамена, бидејќи велат дека тоа е веќе друга сфера која нема допирни точки со правото.

„Не сум политичар за да размислувам за некакви политички договори. Наше е да постапуваме според закон, без да прејудицираме каква ќе биде крајната одлука“, оценува Шврговски.

Професорот по кривично право, Тупанчевски, прилично е резервиран околу тоа каков ќе биде крајниот исход за хашките предмети. „Правото често пати е продолжена рака на политиката. Ќе видиме што ќе се случи“.


Статијата е прочитана 371 пати.

Испрати коментар

Од: марија
Датум: 04.10.2008 18:25:11
Ако сите ние одговараме пред законот, доколку направиме некоја неправда, грешка или злодело, не гледам причина да бидат заборавени виновниците за мачењето на кутрите недолжни луѓе,од кои поради трауми, голем дел и починаа. Правдата ќе ги снајде сите, нека не мислат дека ќе се извлечат. Не смее да има тука политика, а на крајот зошто е ДУИ во Власта, оти убиваа и ја сакаа македонската земја да ја присвојат и да направат Голема Албанија!Владата, судот и сите надлежни немојте да потклекнувате на уцените на ЕУ, САД, НАТО ( кои патем се ставија на страната на востаниците во 2001, а против Македонија). Ако сте религиозни и хумани, истерајте ја правдата до крај. законот треба да е еднаков за сите! Така ќе ве цената и почитуваат сите, во спротивно ако лесно се свиткуваме пред уценувачите, нема напредок, само спирала на бескрајни уцени, омаловажувања! Затоа, внимавајте што правите!
Од: Stojan
Датум: 04.10.2008 19:31:18
Moze da se kladam deka nema nikoj da bide osuden.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Живот меѓу камера со плочи и фотодигиталец
На Груевски му одговара изолација на Македонија
Лоша екскурзија на „Браќа Манаки“
Зденко
Претходен број
Расте притисокот за признавање на Косово
Почна месецот на финалната пресметка за претседател на САД
Црвен картон од ЕУ
Verbatim
Карикатура
Скокалница и лет во место
Егзотичните имиња на европските држави
Скршени 'рбети!
„Ринија“ - отруена еднаквост
Место со датум Брисел ќе не' награди со укинување на визите?
Средношколците на улица поради новите тестирања на нивното знаење
Војчех Јерузелски