„Љубовна напивка“ ќе го означи почетокот на Мајските оперски вечери
„Годинава имаме уметнички добро подготвена програма со интернационални и домашни уметници“, вели Дејан Прошев
Невена Поповска
Со премиера на операта „Љубовен напиток“ од Гаетано Доницети на 9 мај ќе бидат отворени 38. Мајски оперски вечери. Според уметничкиот директор на Македонската опера и балет, Дејан Прошев, и останатиот дел на програмата е атрактивен и ќе предизвика внимание.
Диригент на претставата е Сашо Николовски-Ѓумар, режисер е Гордан Драговиќ-Черногорски, сценограф Марија Ветероска, костимограф е Љупка Арсовска, а кореографијата е на Тања Поповиќ од Србија. Како солисти ќе настапат: Марко Фрузони од Италија, Елвира Фатокхова од Русија и Горан Начевски, Владимир Саздовски и Катерина Стојановска од Македонија.
На вчерашната средба со новинарите, Прошев потенцираше дека станува збор за уметнички добро подготвена програма со учество на реномирани интернационални и домашни уметници.
На 14 мај ќе биде изведена операта „Травијата“ на Џузепе Верди, под диригентската палка на Џонатан Веб од Англија, во режија на Емил Бошнаков од Бугарија, сценографијата е на Живојин Трајановиќ, додека костимограф е Марија Пупучевска.
Операта „Турандот“ на Џакомо Пучини, со која ќе диригира Енрико Довико од Италија ќе биде изведена на 18 мај. Режисер на претставата е Кузман Попов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимите се на Марија Пупучевска.
На 20 мај на вечерта посветена на Густав Малер, свој концерт ќе одржи Македонската Филхармонија, под диригентската палка на Пол Вајголд од Германија и Горан начевски и Ирена Кавкалеска, како солисти.
Под диригентската палка на Сашо Николовски - Ѓумар на 23 ќе биде изведен балетот
„Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус. Кореографијата е на Виктор Јараменко, сценографијата на Андреј Злобин, а костимограф е Гана Ипатиева-сите од Украина.
Оперската претстава „Кармен“ од Жорж Бизе под диригентство на Максимилијан Цениќ од Австрија, во режија на Кузман Попов од Бугарија, сценографија на Живојин Трајановиќ и костимографија на Марија Пупучевска ќе биде изведена на 26 мај. И во оваа претстава ќе настапи интернационална екипа и тоа: Гаља Ибрагимова од Чешка, Иван Момиров од Бугарија, Франсоа Лис од Франција и Олгица Милевска од Македонија.
Мајските оперски вечери ќе бидат затворени со операта „Аида“ на Џузепе Верди. Диригент на операта е Јануш Пшибилски од Полска, режисер Дејан Прошев, сценограф Зоран Костовски, костимограф Елена Дончева, а кореографијата е на Снежана Филиповска. Овој пат како солисти ќе настапат: Марија Хозе Сири од Уругвај, Хозе Луис Дувал од Мексико, Лаура Бриоли од Италија, Нико Исаков од Бугарија и Владимир Саздовски и Александар Стефановски од Македонија.
Со оглед на фактот дека станува збор за богата програма со во која преовладуваат странски гости, директорот на Македонската опера, Оливер Арсовски појасни дека висината на средствата со кои располагале се еднакви на оние од минатата година, но дека учеството на интернационалните солисти се должи единствено на огромното залагање на Арсовски и Прошев кои успеале да ги доведат овие солисти на македонската сцена за помали хонорари од вообичаеното. „Тие за прв пат ќе настапат на македонската сцена и дотолку предизвикот за нив беше поголем“. |