Тројца уметници Јанез Јанша вечерва во ЦК
Ангажираниот проект „Редимејд име“ на тројцата словенечки уметници, кои во 2007 година ги промениле своите имиња во Јанез Јанша, името на тогашниот премиер на Словенија, ќе биде претставен вечерва во Културниот центар ЦК, во 20 часот за кога е планирано да се одржи и предавање.
Проектот „Редимејд име“ го поставил прашањето за тоа што е „име“ а што „моќ“, а уметниците и официјално си ги промениле имињата со сите потребни документи и печати. Од 2007 година сите нивни авторски дела, лични и јавни обврски, се потпишани со името Јанез Јанша. На тој начин, тројцата уметници ја коментираат општествена и политичка состојба во Словенија и, конкретно, девалвацијата на личниот идентитет.
Организаторот на нивното гостување, програмата „Прес ту егзит“, посочува дека за време на предавањето, еден од тројцата Јанез Јанша, ќе ја поведе публиката низ серијата уметнички, политички, административни и медиумски акции, изведени од нивна страна, со конкретен фокус на нивната изложба „Редимејд име“. На неа се презентирани сите нивни валидни лични документи (пасоши, лични карти, кредитни картички). По презентацијата, Јанез Јанша ќе биде достапен за разговор со публиката.
Утре во периодот од 17 до 18,30 часот во ЦК, во организација на „Контрапункт“, Јанез Јанша ќе одржи и разговор со студентите од проектот „Расшколувано знаење“. Разговорот е отворен за јавноста. (К.Б .) |