Укинат притворот за „бомбашите“
По речиси еден и пол месец минати во куќен притвор, прилепските „бомбаши“ од вчера се на слобода. Оваа одлука што ја донесе Судскиот совет на Основниот суд Скопје 1 дојде само кусо време по укинувањето на мерката притвор кој на Звонко Илиоски - Лутото, неговиот син Самоил, Марјан Маркоски - Мачето и Емил Ангелески - Ампата им ја изрече истражен судија од битолскиот суд.
Обвинетите освен ветување дека нема да побегнат и дека нема да го напуштат местото на живеење, се согласија да ги предадат своите патни исправи и на секои две недели да се пријавуваат во прилепската полиција.
Советот донесе решение со кое притворот што му беше изречен во отсуство на Горанчо Петрески - Трде се заменува со алтернативна мерка куќен притвор откако и овој обвинет се појави пред судот и даде своја одбрана. Во сила останува притворот изречен за Злате Јованоски - Бомбата, бидејќи тој и натаму е недостапен за органите на прогонот. (Љ.С.) |