МО двапати било опоменато оти не ги платило деловите
И на продолжението од судскиот процес што се води против петтемина обвинети за набавка на резервни тенковски делови, вештото лице Никола Чивчиристов одговараше на прашања кои овој пат му ги поставуваа бранителите. Претпладневниот дел од вчерашното рочиште мина во прашања кои на вештакот му ги поставуваше бранителот на поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски, адвокатот Никола Поленак. Намерата на адвокатот беше да докаже дека во посебниот преглед било децидно наведено дека плаќањето било со пренесување на обврските кои требало да се реализираат во текот на 2002 година. Адвокатот ги презентираше пред судот фактите дека сите обврски за плаќање од 2001 година биле намирени во следната календарска година и покрај тоа што МЗТ - ФОП на два пати го предупредило Министерството за одбрана за непостапување согласно со договорот за испорачани резервни делови за тенковите Т-55, а за кои биле доставени и две фактури кои требало да бидат платени.
Вештото лице изјави пред судот дека во секоја државна институција треба да постои книга во која ќе се заведуваат фактурите што се пристигнати за плаќање, но тој не извршил увид во таквата книга во МО, бидејќи за него не било спорно дека фактурите биле пристигнати, но дека тие не биле книговодствено евидентирани. Вештакот изјави дека од вработените во Секторот за финансии при МО му било кажано дека книжење фактури се правело исклучиво со налозите за исплата. За вештакот не е спорно дека плаќањето на втората и на третата рата претставува одложено плаќање. Адвокатот Поленак инсистираше да се докаже што е со 190 милиони денари, кои како долг бил пренесен во 2002 година, бидејќи во дополнението на вештиот наод и мислење било наведено дека станува збор за средства со кои требало да се платат набавени резервни делови. Идејата на бранителот беше да се потврди дека парите биле наменети за плаќање на резервните делови, а со веќе утврдениот износ само ќе се потврди дека станува збор за резервни делови за трансмисија на армиските тенкови. (Љ.С.) |