Дваесетина деца во Скопје се дрогираат со бронза
Станува збор за малолетници кои живеат во напуштени објекти и никаде не се евидентирани
Даниела Трпчевска
Десетина деца во Скопје се дрогираат со бронза или лепило. Станува збор за случаи кои се детектирани и евидентирани од страна на социјалните работници кои ја следат проблематиката со уличните деца. Но, вистинската бројка на деца на улица кои станале зависници од дрога никој не ја знае. Станува збор за малолетници кои живеат во напуштени објекти, никаде не се евидентирани, немаат право на здравствена заштита, не се вклучени во образовниот систем. Едноставно не постојат за државата!
Најмалото дете кое е евидентирано дека вдишува лепило има само пет години. Тоа е едно од многуте малолетници кои можат да се забележат на скопските улици како вдишуваат бронза (боја за ќумци) и неостик. Лепилото го купуваат за 10-20 денари од улични продавачи, додека боците со бронза чинат околу 20 денари, што е најевтина варијанта за нив. Проблемот е што вдишувањето на овие супстанции по подолго време создава зависност како секоја друг вид дрога. Некои од нив користат и многу појаки дроги, за што сведочат и фотографиите што ги снимивме во парк во центарот на градот. Таму минатата недела тројца малолетници се дрогираа со игла во претпладневните часови, пред очите на станарите од околните згради. Иако ваквите случаи се евидентирани од страна на социјалните служби, но и од полицијата, сепак, децата остануваат на улиците, без никаква лекарска помош и заштита.
„Дел од овие деца имаат родители, кои ги злоупотребуваат терајќи ги на питачење и физичка работа за да заработат некој денар. Тие не се вклучени во образовниот систем или, пак, го прекинале образованието. Проблем со кој сме се соочиле е и тоа што голем дел од децата не се евидентирани од нивното раѓање. Наша задача е да ги евидентираме и доколку детето е затечено на улица со родителот, веднаш на самото место се разговара со нив, се прибираат информации и се прави увид во домот каде што живеат. Потоа се подготвува писмена изјава за согласност која треба да ја потпише родителот, без што не можеме да го згрижиме детето во дневен центар“, велат социјалните работници.
Според Ана Панчева од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, во изминатите четири години, од кога профукционираа дневните центри во Кисела Вода и во Автокоманда кои ги отвори државата за згрижување на уличните деца, евидентирани се над 360 деца што питачат на возраст од 4 до 14 години.
Социјалните работници укажуваат дека сите деца кои најголем дел од денот го поминуваат на улица се потенцијални идни деликвенти и криминалци, бидејќи животот на улица е предуслов да скршнат од правиот пат.
„Во досегашната практика сме имале деца кои сме ги згрижиле, а по извесно време сме забележале дека чудно се однесуваат и не се придржуваат на правилата на однесување на Центарот. Дел од децата сме ги виделе со свои очи и сме ги регистрирале дека вдишуваат лепило, по што сме ги посетиле нивните семејства, сме ги згрижиле, но тоа било за кратко време“, вели Панчева. Проблемот според неа е што центрите се задолжени за третман на децата на улица, но за оние што користат дрога е неопходна посебна грижа и лекарска и психолошка заштита.
„Ова е проблем кој не затекна, одеднаш доживеа експанзија и немаме установа која ќе ги прифати децата. Агресивни се, може лесно да западнат во неприлики и неможеме да ги мешаме со другите деца во дневните центри, каде со сите сили се обидуваме да ги оттргнеме децата од улица и од сите пороци“, укажуваат социјалните работници. Надлежните институции изминативе години во повеќе наврати разговарале за решавање на овој горлив проблем.
Според Василка Божиновска, судијка за малолетничка деликвенција, институциите мора да покажат поголем интерес и да ја преземат одговорноста за ова што се случува пред нашите очи.
„Најчесто малолетниците со дебели досиеја се корисници на дрога, лепак или бронза. Веќе се забележани деветгодишни деца како се дрогираат, но има индиции дека возрасната граница е многу подолу. Тоа покажува дека никој во државата не води грижа за нив, а таа треба да ги лекува и да ги згрижи, затоа што општеството е виновно што дозволило да дојде до една ваква состојба“, вели судијката Божиновска. Надлежните укажуваат дека треба да се најде модел за соодветно згрижување на децата, а не сите институции да бегаат од одговорноста. |