Возовите уште долго ќе не клацкаат со 50 километри на час
Ремонтот на пругите е одложен за септември, иако првично беше најавено дека ќе започне во април
Сања Наумовска
Се изјалови најавата дека патниците во македонските возовите ќе возат со стотка на саат. Причина е одлагањето на реконструкцијата на железничките пруги, која ќе започне дури во септември, а не како што беше првично планирано, во април. Деновиве се очекува да биде потпишан договорот со француската фирма „Систра“, која е избрана на повикот за консултант. Компанијата ќе треба да ја подготви документацијата за тендерот за избор на изведувач и да врши надзор над градежните работи. Изборот на консултант е услов за користење на кредитот од Европската банка за обнова и развој од 17,6 милиони евра, кој минатата година го доби Македонија за обнова на дел од железничката инфраструктура. Во Македонски железници информираат дека тендерот за избор на изведувач треба да се подготви до крајот на февруари, а меѓународниот повик ќе биде распишан во март.
Реконструкцијата на пругите ќе трае до крајот на 2013 година. Спо��ед проектот, ќе се обновуваат три делници од Коридорот 10, чија линија започнува од Салцбург, и преку Загреб, Белград, Скопје завршува во Солун. Во Македонија поминуваат 213 километри, од кои со финансиската поддршка од ЕБОР ќе бидат обновени 54 километри. Целосно ќе бидат заменети дрвените прагови, стари над 4 децении, со нови бетонски делови. Ќе се обновуваат и шините, особено најоштетените делови на свијоците. Во реконструкцијата на пругите ќе биде опфатен и толчникот, од кој ќе се отстранат нечистите делови и ќе се заменат со нови. Ремонтот на пругата ќе биде насочен првенствено кон елементите од горниот строј, но не се исклучени зафати на на долниот строј каде што се детектирани критични точки.
Во Министерството за транспорт и врски потврдуваат дека е во тек постапката за избор на консултант што ќе биде вклучен во реализацијата на проектот, што претставува еден од условите за ефективност на потребните средства. Финансиите за ангажираниот консултант се обезбедени од француската влада. Предвидено е јавната постапка за вршење ремонт на првиот пакет, односно делниците Табановце - Куманово и Миравци - Смоквица во вкупна должина од 26 км да се објави во првата половина од 2011 година, по што ќе се избере изведувач на работите согласно со правилата на ЕБОР. Јавната постапка за вториот пакет за ремонт на делниците Згрополци (Ногаевци) – Градско – Неготино во вкупна должина од 28 км е предвидено да започне во првата половина од 2012, по што ќе се избере изведувач на работите согласно со правилата на ЕБОР, информираат од транспорт и врски.
„По изборот на изведувачите, во септември градежните работи ќе започнат на делницата Миравци - Смоквица со должина од 13 километри. По завршувањето, во март 2012 година реконструкцијата ќе продолжи на потегот од Табановце до Куманово, а од септември идната година до крајот на 2013 година ќе се обновува најдолгата делница од 28 километри од Ногаевци до Неготино“, вели Владимир Пановски, заменик-директор во „Македонски железници - инфраструктура“.
Реконструкцијата на пругата ќе обезбеди побрзо движење на возовите по Коридорот 10, а со тоа и побрз проток на патници и стока во товарниот сообраќај. Пругата покрај Коридорот 10 има добри перформанси и со дополнителните вложувања ќе може да се постигне максималната брзина на движење на возовите од 120 километри на час. Моментално возовите по македонските пруги патуваат со максимална брзина од 50-60 километри, а само да одредени делници до 100 километри на час, информираат од МЖ инфраструктура. |