Над 2,5 милиони Британци се без работа
Вкупно 2,5 милиони луѓе во Велика Британија се без работа, со што невработеноста продолжува да се зголемува откако заклучно со крајот од ноември како невработени се регистрирани уште 49 илјади луѓе, соопшти Бирото за државна статистика во Лондон. Проблемот со невработеноста кај младите е уште поголем, затоа што еден од петмина на возраст меѓу 16 и 24 години немаат работа, достигнувајќи ниво од малку над 20 отсто. Повеќе од 950 илјади Британци на оваа возраст се невработени, што е најголемата бројка по 1992 година. Податоците на Бирото за статистика покажуваат дека вкупната невработеност во Велика Британија изнесува 7,9 отсто.
Досега 1,46 милиони луѓе имаат побарано и добиено социјална помош и други бенефиции што им следуваат на невработените. Институтот за истражување на јавната политика соопшти дека невработеноста во текот на оваа година ќе продолжи да расте, како и дека би можело дури и двојно да се зголеми како последица на новите невработени што ќе се регистрираат по спроведувањето на острите мерки за кратење на буџетот што ги заговара коалциската влада на премиерот Дејвид Камерон. (МИА) |