Кина дава повеќе кредити од Светска банка
Кина инвестира милијарди низ целиот свет и така го зголемува своето глобално влијание. Според извештај на „Фајненшл тајмс“, кинеските банки даваат повеќе кредити за земјите во развој отколку Светска банка.
Во периодот од 2008 до 2010 година Светска банка оствари рекорд поради економската криза, имено им даде кредити на земјите во развој во висина од над 100 милијарди американски долари. Но, според истражувањата на весникот „Фајненшл тајмс“, Кинеската банка за развој (ЦДБ) и Кинеската експорт-импорт банка во изминативе две години им дале кредити од вкупно 110 милијарди американски долари на фирми и влади од земјите во развој.
Хелмут Аше, експерт за Африка од Универзитетот во Лајпциг, е скептичен во поглед на истражувањето. „Кинеската статистика за кредитите, особено на оние за земјите во развој, не е транспарентна. Затоа не се знае точната категоризација на кредитите на Кинеската банка за развој и на Кинеската експорт-импорт банка за да може да се направи споредба со издавањето кредити од Светска банка“.
Приоритетни задачи на Светска банка се борбата ��ротив сиромаштијата, заштитата на животната средина и унапредувањето на приватниот економски развој. Од друга страна, пак, владата во Пекинг и државните кинески банки даваат кредити на земјите во развој за да освојат пазари за производите „мејд ин Чајна“, и, пред се', да обезбедат суровини за нивната економија, која доживува бум.
Дорис Фишер, економист и експерт за Кина од Германскиот институт за развиј во Бон, вели: „Кинезите сметаат дека она што го прават не е помош за развој, туку економска соработка, со цел обострана добивка и затоа тоа не мора да биде во согласност со меѓународно усвоените принципи за добра помош за развој“.
Кредити од Кина добиваат особено земјите што се богати со природни суровини. Државните кинески банки и владата во Пекинг даваат кредити и за возврат добиваат нафта на земји како што се Русија, Венецуела или Бразил.
„Светската банка нуди долгорочни кредити со ниски камати и честопати се откажува од дел од долговите. И покрај тоа, кинеските кредити се поатрактивни за некои земји“, вели Дирк Вилем Тервелде, директор за истражувања во Институтот за меѓународен развој (ОДИ) во Лондон и нагласува дека „За кредитите од меѓународните институции како што е Светска банка има многу услови. Детално се разгледуваат некои аспекти, како, на пример, владината политика. Тоа е поинаку кај кредитите што ги дава Кина“.
Со засилената соработка на Кина во поглед на развојот, моќта се поместува од Запад кон Исток, вели експертот за Африка Хелмут Аше. Зголемената моќ на Кина е забележителна и во Светската банка. Во 2008 година Лин Јифи беше првиот Кинез дотогаш поставен на раководна позиција во Светската банка. (Дојче веле) |