Манчестер Ј. на стартот кај Вест Бромвич
Манчестер јунајтед ќе ја почне одбраната на титулата во Премиер лигата на гости кај Вест Бромвич Албион на 13 август. Вицешампионот Челзи исто така ќе гостува на стартот, и тоа кај финалистот во ФА-купот, Стоук.
Новиот премиерлигаш Свонси уште на почетокот ќе ја искуси силата на елитното фудбалско друштво во Англија со гостувањето кај „трошаџијата“ Манчестер Сити, кој минатата сезона ја заврши на третото место и наесе�� првпат ќе игра во Лигата на шампионите.
Арсенал ќе има незгоден старт на сезоната прво со гостување во Њукасл, со кого одигра возбудливо реми 4-4 минатата сезона, пред да го пречека освежениот Ливерпул и да му гостува на шампионот Јунајтед. На тимот на Арсен Венгер не му оди во прилог и тоа што во август ќе играат во баражот за ЛШ, откако не успеа директно да се квалификува за групната фаза, бидејќи заврши четврти во Премиер лигата.
Освојувачите на првите две места во минатата сезона нема да чекаат долго за првиот меѓусебен дуел во новата сезона, кој ќе се случи во петтото коло, во кое Челзи доаѓа на „Олд Трафорд“. |