Во Вардар се менуваа претседатели како на филмска лента
За 64 години постоење, продефилираа 30 челници, четворица од нив беа по двапати на оваа функција
Миодраг Мицковиќ
Не веруваме дека и најдобрите познавачи на фудбалот, навивачите на нашиот порано најтрофеен клуб Вардар се сеќаваат колку се' претседатели за овие изминати 64 години од неговото формирање во далечниот јули 1947 година ја извршуваа оваа одговорна функција. Од познати личности, стопанственици, општествени работници па се до анонимци кои беа на неговото кормило користејќи ја агонијата на клубот.
Особено во последните неколку години во Вардар претседателите се менуваа како на филмска лента, дури четворица од нив беа по двапати претседатели. Последниот, кој беше избран на вонредното собрание на клубот, одржано пред неколку дена, кога Вардар се најде под капата на Собранието на град Скопје и Јавното претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор е поранешниот кошаркар на Вардар Зоран Шишковски, млад човек пред кој стои мошне тешка задача да го стабилизира разнишаниот поранешен миленик на цела Македонија. Но, како што се шпекулира во фудбалските кругови, Шишковски е само преодно решение, се ќе зависи од спонзорите, кои сигурно ќе сакаат да стават свој човек на оваа одговорна функција. Но, да почекаме до редовното собрание што треба да се одржи во најскоро време, веруваме со покани, со известување до сите медиуми, а не вака преку ноќ и на брзина.
Првиот претседател на Вардар беше Димче Беловски, потоа на таа функција се сменија многу познати лица од јавниот живот: Ангеле Божиновски, Перо Коробар, Ристо Бужаровски, Кочо Китановски, Блажо Ристоманов, Душко Георгиев, Џоџа Николовски, Стојан Чамински, Ангел Симов, Љубе Целевски, Благоја Филиповски, па се' до Филип Ѓурчиновски и Борче Дамевски.
По овој период како да почна падот на Вардар. По Борче Дамевски едно време претседател на клубот беше и неговиот долгогодишен благајник Паскал Сетинов, потоа Александар Трпевски, Драган Живковиќ, па Борче Ристевски кој се прослави со оние три анонимни собранија на клубот кога самиот со вработените од својата фирма се избра за претседател. Уследија нови собранија, на чело на Вардар дојде Атанас Костовски, познатиот спортски новинар, па извесно време, два месеци претседател беше Јордан Камчев, него во два мандати го замени познатиот скопски адвокат Ванчо Шехтански. Се чинеше дека бизнисменот Трифун Костовски ќе го врати Вардар на стариот колосек, но по оној инцидент на Стража, кога навивачите на Вардар, комитите физички ги нападнаа играчите и го ограбија автобусот со нивната опрема на враќање од првенствената средба со Напредок, пукна филмот и Трифун Костовски се откажа од претседател, на големо разочарување на сите играчи. И тогаш на чело на клубот дојде тотално анонимниот Бојан Захариев, кога беше јасно дека за ова момче функцијата претседател на Вардар е голем залак. Го замени Драги Сетинов, поранешниот фудбалер на Вардар, и тој во два куси мандата беше претседател но без финансиска моќ, па во централниот регистар исто како претседател на двапати беше запишано името на техничкиот секретар на клубот Мишо Мајсторовиќ, па како што веќе напишавме по втор пат Атанас Костовски и на крајот сега Зоран Шишковски. Тоа е тоа, затоа не треба да не чуди оваа агонија на Вардар. Веруваме дека сите претседатели што се сменија на неговото чело последните години имаа добри намери, но без финансиска инјекција без силни спонзори тешко можеа да му помогнат. Сега кога градот Скопје реши да го преземе во своите раце Вардар, веројатно ќе биде многу подобро. Но да не заборавиме, професионален фудбал бара многу пари, без други посилни спонзори, нема да биде лесно Вардар, пак, да биде оној стариот, без оглед што ќе стартува од Втората лига. Па, и таа е за фудбалот. |