Во Македонија никој не ги почитува законите
Отсуството на контрола и несоодветните казни придонесуваат за непочитување на законите
Катица Чангова
Никој во државава ништо не му може на поранешниот пратеник Даут Реџепи-Лека. Тој е индивидуален пример за безобразно изигрување на законите. Нему влакно не му фали иако беше единствениот меѓу 119 колеги по функција кој една и пол година не даде отчет за имотната состојба.
Антикорупционерите му поднесоа прекршочна пријава со надеж дека ќе ја постигнат целта. И наместо судиите да покажат заби и да ја изречат максималната казна, која тогаш беше 50.000 денари, тие го амнестираа човекот што носеше закони со само 10.000 денари.
Иронијата на овој случај е поголема во вториот дел од типичнава македонска приказна. Лека, кој и сега е кандидат на ДПА за шестиот пратенички состав, барем според нашите информации, се' уште не ја платил казната. Тој со скромната пратеничка плата од илјада и кусур евра дури бараше рати како олеснување. Наравоучение: „игнорирај го законот, ем ќе добиеш блага казна, ем нема да ја платиш“.
Во Македонија никој не ги почитува законите. Можат да се напишат романи за многу примери поврзани со непочитување на прописите - од најбанални до најсериозни.
Помина речиси цела година откако возачите законски мораат и во градските средини да го употребуваат појасот, да вклучуваат фарови и дење и да се откажат од зборување на мобилни. Редовно се ловат несовесни возачи и се изрекуваат по 30 евра за секој од прекршоците, што не е потценувачка сума за паднатиот македонски стандард. Но, народот не се опаметува, тера по свое. Поја��и не се врзуваат и никој не се откажува од мобилен.
Граѓаните без размислување ги украсуваат улиците, тротоарите и парковите со догорчиња и други отпадоци. Знаат дека тоа е казниво дело, но менталитетот е непроменлив. Се коментира дека градовите ќе бидат чисти само ако по секој граѓанин оди по еден комуналец, што практично е невозможно. Или можеби во Македонија има потреба од закон за почитување на законите.
Синдикалниот пратенички кандидат во Првата изборна единица, Пецо Грујовски, смета дека на Македонија и' треба закон за заштита на законите. Тој вели дека многу луѓе ги изгубија животите на градилишта и на работни места, а дека никој досега не одговарал за тоа.
Многумина се прашуваат што се случи со Законот против пушење и дали некој беше санкциониран поради непочитување во непушачките зони. Ексминистерката за економија, Вера Рафајловска, на отворена владина седница јавно му призна на премиерот Никола Груевски дека никој не бил казнет поради игнорирање на антипушачкиот закон.
Другите земји ги прошируваат зоните за непушење, ги изолираат страсните љубители на тутунот и прават се' да имаат здрава нација. Градоначалник во странска земја забранил да се пуши дури и во домовите за да ги заштити децата од страста на возрасните. Една од најпушачките нации, Турција воведе нови, ригорозни правила против пушењето, кое е една од причините за голема смртност на населението.
Кафеанџиите се посилни од инспекторите. Самоволно ги прошируваат тендите во бескрај, ги пробиваат лимитите за дозволени маси, но нема кој да ги казнува. Сопственици на обложувалници, кафулиња, дуќани немаат фискални каси, кинат инспекторски пломби, самоволно ги отвораат локалите, а не плаќаат глоби.
И институциите во државата се оглушуваат на законите, главно, вадејќи се со нејаснотии и непрецизности. Поголемите политички партии кои учествуваа на изборите во 2006 не ги открија нивните фирми-донатори, подготвени да платат скромни 3.500 до 5.000 евра прекршочна казна. Се испотрошија за рекламирање и неколкукратно ги пробија лимитите што низ бројки го констатира и државниот ревизор. И кога ревизијата ги стави на тацна податоците до Државната изборна комисија која, според експертите, требаше да казни, целата работа се забошоти. Партиите се неказнети, а сега одново се во изборна кампања.
„Значаен момент во врска со непочитувањето на законите е отсуството на контрола. Ова овозможува, поединци или институции да се стават над законите, па дури и во случаи кога станува збор за институции кои се задолжени да ги спроведуваат законите. Несоодветните казни придонесуваат за непочитување на законите и покрај ризикот од санкции“, нагласува професорот Константин Миноски од Институтот за социологија и додава дека нашата стварност изобилува со вакви примери, посебно во процесот на приватизацијата.
Експерти од сферата на социологијата тврдат дека сето ова има врска и со „талкањето“ на македонската држава во периодот на транзиција. И тоа помеѓу реструктурирање на македонската држава и ставање во функција на нејзините институции и меѓународното интегрирање на државата во ЕУ и во НАТО. Притоа се преземаат законски решенија кои не соодветствуваат на капацитетите на институциите, но и на типот на проблемите со кои се соочуваат.
Редот не може да се воспостави со сила. Државата го уредува животот со закони, а граѓаните и институциите треба да се придржуваат до поредокот и правилата. Тие важат за сите подеднакво и треба да ги почитуваат подеднакво. Тоа е двостран процес. Во Македонија треба многу работи да се исправат. Ако во државата не се почитуваат законите, не треба ни да сонуваме дека Европа ќе не' прими. „Зар Европа би примила гнило јаболко за да им ја расипе целата берба“, коментира Лабина Митевска во една од своите колумни.
Меѓу посвежите примери во општиот тренд и феноменот на непочитување на законите е она што се случи на патарините. Стотици партиски активисти пред очите на полицијата и обичните граѓани, одејќи на митинзи поминуваа на наплатна рампа без да платат. Иако Владата категорично најави дека не прогледува на вакви инциденти и дека таму нема партиска привилегираност, не се преземаа никакви санкции.
Но, тоа не е се'. Во период на техничко функционирање на Владата имаше масовни вработувања, демек на припадници на етничките заедници кои не се мнозинство. „Но, тоа се всушност политички вработувања на припадници и на други видови заедници. Правно гледано, пречка не постои, но политички, тоа е недозволено, неморално и неетичко однесување“, коментира професорката по управно право на Правниот факултет во Скопје, Ана Павловска-Данева.
Општествените промени што се случија во нашето општество од почетокот на деведесеттите години и кои се' уште се одвиваат, придонесоа да се создадат такви услови во нашата држава, во кои културно наметнатите цели и легитимните средства за нивното постигнување не соодветствуваа на новата стварност и на нашите културни обрасци, нагласува професорот Константин Миноски.
Според него, материјалниот успех и во нашето општество стана примарна цел, но почнувајќи како борба за преживување во новите услови, а денес како идеја за брзо збогатување најчесто со посредство на поседувањето на политичка власт (моќ). |