Невреме во Струмичко и во Повардарие
Невреме проследено со силен ветер од 100 км на час и дожд завчера попладне го зафати Повардарието. Зафатени се и три села од Струмичкиот регион во петокот попладне, кога се причинети големи штети на посевите насадени со бостан, тутун, жито и лозје. Петнаесетминутното невреме пред време го собра родот на нивите на 600 хектари, а во одредени реони од атарите на селата Штука, Секирник и Иловица посевите се целосно уништени.
Од невремето што го зафати Повардарието најмногу штети претрпеа жителите на неготинското село Криволак. Ветерот носел покриви од куќите, а големи штети има на пиперот, доматите и бостанот.
„ Од силниот ветер куќата ни беше откриена речиси цела. Ѕидот ми беше навален, а попушти и трегерот. Куќата ја градев 20 години, а сега ќе падне”, се жали Бобан Димитриевиќ од Криволак. Речиси целосно жителите на ова неготинско село егзистираат од земјоделство.
По првичните процени, станува збор за големи оштетувања. Селаните бараат помош од Владата и велат дека вакво невреме не паметат. Покрај штети во градинарството, невремето ги погоди и лозјата и овошките.
Земјоделците од погодените струмички села, пак, реагираат на недејствувањето на противградобијната заштита. Велат дека подолго време противградобијните ракети не се користат за спречување на невремето и бараат од државните органи тие повторно да бидат ставени во функција. Денеска во погодените реони се очекува да излезе Општинската комисија за процена на штети, која треба целосно да ги согледа штетите и на Советот на Општина Босилово да му достави комплетен извештај. ( Е.П. -А.Д.) |