ПОСЛЕДЕН ЗБОР
Имер Имери
1942 – 2008, политичар
На скопската Клиника вчера, по тешко боледување, во 66-година од животот почина Имер Имери, поранешен лидер на Партијата за демократски просперитет и еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор. По повлекувањето од политичката сцена, Имери работел како лекар во родното Чегране, каде што ќе биде погребан денес.
Во биографијата на Имери, кој се вбројува меѓу еминентните албански интелектуалци во Македонија, запишано е дека дипломирал на Педагошката академија во Скопје, по што својот прв работен ангажман го имал како учител во село Срново, Гостиварско, но животот од корен му го смени еден политички потег од 1968 година кога во Гостивар го истакна знамето на Република Албанија, по што одлежа петгодинишна затворска казна. Извесно време по излегувањето од затворот, се занимавал и со физичка работа, а набргу заминал во Приштина каде што завршил и Медицински факултет.
Имер Имери, кој е запаметен како борец за правата на Албанците, во Македонија се врати откако во покраината остана без работа, а во 1990 година бил забележлив неговиот удел во формирањето на Демократската лига на Косово. Во 2000 година беше избран за лидер на ПДП, а како врв во политичката кариера на Имери се смета потпишувањето на Рамковниот договор. |