Мариово ќе развива селски туризам како Нормандија
Француски експерти вршат попис на објектите, по што ќе почне реновирање
Битола - Битолскиот дел од Мариово, еден од еколошки најчистите краишта во државата, според примерот на францускиот регион Долна Нормандија, ќе го развива селскиот туризам. Една недела студенти по архитектура од Македонија и Франција ќе вршат попис на изграденото културно наследство, со намера подоцна врз избрани објекти во селата Будимирци, Зович, Старавина и Градешница да се врши реставрација и реконструкција.
Процената на тоа кои од објектите ги поседуваат вистинските вредности со кои може да се привлечат туристите ќе ја прават експерти за попис на културното наследство од Долна Нормандија, Франција.
,,Најпрво, ова ќе биде една обука на препознавање на користење одредени методи преку кои ќе се препознаат вредностите, бидејќи не се работи само на изграденото културно наследство туку и на природните богатства. Од тоа ќе бидат направени одредени документи“, вели Јаник Лешербони, експерт за попис на културно наследство во Франција.
,,Пописот ќе биде воден од специјалисти и потоа пренесен на млади студенти, со што ќе се направи трансмисија на знаењата, искуствата и методите што се применуваат во Франција , особено во Долна Норамандија“, појаснува експертот за изградено и културно наследство од Франција, Жан Пол Дарде.
Според градоначалникот на Општината Новаци, поголемиот дел од објектите што влегоа во пописот на културното наследство и културната знаменитост, веќе се на листата за издавање под концесија на странски дипломати и амбасади во нашата држава, кои уште со првата посета биле воодушевени од убавините на мариовскиот крај .
Истовремено ќе се едуцира и локалното население за екотуризам. Во селата Зович, Будимирци, Градешница и Старавина моментално живеат околу двесте жители, претежно старци.
Првите резултати од овој проект Општина Новаци ги очекува во наредната година, а парите за реставрирање��о на објектите ќе бидат обезбедени од Франција и дел од општината.
,,Туристите ќе ги привлечеме со чиста еколошка природа, со многу тивки и интересни места кои располагаат со природни богатствата, чисти и незагадени реки, чист воздух и недопрени шуми“, потенцира Лазар Котевски, градоначалник на Општина Новаци.
Вчера во селото Старавина се одржа трибина на тема ,,Развој на изграденото наследство во Мариово“, при што беше презентиран пописот на наследството во селото Старавина, а се разговараше и за иднината за развој на мариовскиот крај. Ова е втора фаза од проектот „Развој на одржливиот селски туризам“, а потоа во третата фаза е предвидена реставрацијата на куќите. (А.Б.) |