Протест на социјалците во Штип и во Пробиштип
Штип - Стотина социјално загрозени лица од Штип вчера пред собраниската зграда протестира поради, како што рекоа, својот мизерен социјален статус. Протестот беше во организација на невладината „Хоризонт“, а најбројни пред Собранието на Општина Штип беа стечајните работници, кои подолго време, преку мирни протести, си ги бараат своите социјални права.
Ивица Младенов, претседател на НВО „Хоризонт“, во чија организација се протестите, трибините и средбите со социјално загрозените граѓани на Македонија, рече дека целта на овие активности е да се влијае на Собранието на Македонија за донесување измени и дополнувања на Законот за социјална помош.
„Во државава имаме над 100.000 семејства корисници на социјална помош, чија висина не може да ги задоволи ниту најминималните потреби на едно семејство. Бараме со измените на законот да се обезбеди зголемување на износот на паричната помош за сто проценти и тоа да важи за паричната помош, која најбедните во државава ја добиваат по која било основа. Бараме измена на членот со кој се предвидува намалување на сумата за исплата на корисниците на социјална помош по втората година на 70, односно на 50 проценти по петтата година. Бараме и двојно зголемување на паричниот износ на сите права на детска заштита“, потенцира Младенов.
Иако на овие протести од „Хоризонт“ ги поканија пратениците и претставници на Центарот за социјални работи, никој од нив не се појави пред социјално загрозените штипјани. Исти протести вчера попладне се одржаа и во Пробиштип. (И.Б.) |