Врие околу изборот за претседател на ССМ
Кандидатот за претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, Драге Јовановски, вчера реагираше дека недемократски се води постапката за избор на претседател што ја спроведува сегашното раководство на синдикатот. „Не се изјасниле синдикалните организации во врска со изборот и се врши силен политички притисок врз одредени членови на синдикатот да предлагаат еден кандидат, а да го минимизираат учеството на другиот“, изјави Јовановски на вчерашната прес-конференција.
Тој посочи дека некои синдикати не им дале доволно време на синдикалните организации да предложат свои кандидати за претседател, а други, пак, пред синдикалните организации ги негирале неговото официјално поднесено барање и биографија, со образложение дека тој не ги доставил тие документи. Јовановски најави дека, доколку не биде прифатена неговата кандидатура за претседател, ќе поведе судска постапка. (МИА) |