Ќе поскапува такси-превозот
Лиценцираните возила ќе имаат унифицирани табли и бело-жолта боја
Сања Наумовска
Поскапува такси-превозот. Според најновата одлука, која пред Советот на Скопје ќе се најде идната недела, одделно ќе се наплатува стартот и секој нареден изминат километар од возењето. Само за седнување во такси, во иднина граѓаните ќе плаќаат 40 денари, а за секој километар по 25 денари. Досега стартот заедно со 2 изминати километра чинеше 50 денари, а секој нареден километар се плаќаше 20 денари. Така, за дестинација од 5 километри, ако досега се плаќаше 110 денари, во иднина цената ќе биде 165 денари, или приближно 10 денари повеќе за секој километар.
Поскапувањето, образложуваат во градската администрација, се должи на долгогодишните барања на такси-превозниците за зголемување на цената на превозот која тие ја сметаат за прениска. Сепак, дел од превозниците се на став дека на поскапувањето мора да му претходи обезбедување услови за одржување на цената. Од синдикалната организација „Плава лагуна“ велат дека дел од такси-компаниите за да привлечат повеќе патници нудат различни попусти и не ја почитуваат ниту сегашната цена.
„Не смееме да дозволиме да ги избркаме патниците, особено од компаниите кои ги почитуваат сите одлуки на Советот на Скопје и да ги препуштиме на несериозни превозници кои ќаруваат на нелегален начин. Сметаме дека иако е неопходно поскапување, за него сега нема услови“, вели Марјан Спасовски од синдикалната организација.
Новата одлука за такси-превоз предвидува и унифицирање на таблите на сите лиценцирани превозници. Идната година ќе ги набавува Градот, за што во буџетот за 2011 година ќе се предвидат 4 милиони денари. Секој таксист ќе има налепници со грбот на Градот и бројот на такси-возилото. Ќе се унифицира и бојата на возилата, која треба да биде бела „талк“, освен багажникот и хаубата, кои треба да се жолти. На овој начин, велат во Секторот за сообраќај, и визуелно ќе се одвојат лиценцираните од дивите таксисти.
По собирањето на предлозите од сите општини, со одлуката се утврдува и новата бројка од 152 такси-стојалишта. Обврска на Градот ќе биде да ги обележи такси-местата и да ги уреди со информативни табли и друга урбана опрема. |