Луна-паркот нема да остане без панорама
Луна-паркот пак ќе има панорама. Решението дали ќе се поправа постојната или ќе се прави нова, ќе треба да го понуди проектот на избраниот консултант за Луна-парк. Популарното тркало повторно ќе биде атракција за посетителите. Во Градот Скопје велат ��ека забавниот парк не би бил комплетен без панорама поради што и се инсистира во сите идни планови за обнова на катчето за најмладите да има и ваков реквизит.
Градските власти неодамна распишаа и тендер за реконструкција на панорамата, која не работи повеќе години. Сепак, повикот беше повлечен, затоа што во меѓувреме се избра консултантот. Тој ќе треба да подготви проект, а потоа да најде и приватен инвеститор, кој преку јавно-приватно партнерство со ЈП „Паркови и зеленило“ целосно ќе ги обнови реквизитите во Луна-паркот.
„Со изборот на консултант започна постапката за обнова на забавниот парк. Една од неговите првите задачи е изработка на проект за идниот изглед и содржина на реквизити во Луна-паркот, во кој свое место ќе си има и панорамата. Дополнително ќе се утврди дали е поевтино да се набави нова панорама или да се поправа старата“, информираат од Градот Скопје.
Панорамското тркало не работи повеќе од шест години. При последните контроли беше констатиран висок степен на корозија на металната конструкција, поради што реквизитот не е безбеден за употреба.
Со приватна инвестиција, велат во Градот, се отвора патот за поставување на четириесетина нови реквизити, а старите ќе бидат демонтирани и продадени. Приватниот партнер ќе треба да постави и нови инсталации и целосна подземна инфраструктура. Ќе се гради и нова трафостаница за напојување со струја на новите реквизити. Во план е целиот простор да биде модерно хортикултурно уреден. За реализација на целиот проект би биле потребни околу пет милиони евра. (С.Н.) |