Мозаик за Тоше од мермер и гранит
Прилепчанецот Ристо Тошески грижливо собира камчиња за грандиозниот мозаик „Солза“
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Грандиозен мозаик „Солза“, посветен на ликот и делото на македонската поп-икона Тоше Проески, изработува прилепчанецот Ристо Тошески. Овој 46-годишен професор по физичко образование и мултиталентиран човек полн со ентузијазам три години грижливо собира камчиња од мермер и гранит. Тошески трпеливо и со многу љубов низ колоритот на многу бои го плете своето најголемо дело. Вели дека две случајни средби со харизматичниот Тоше биле пресудни. Затоа кусо по трагичната смрт на поп-иконата, професорот се зафатил со реализација на овој проект. Има денови кога тој со часови, од утро до вечер во дворот зад својата куќа живее со ликот и делото на најголемиот хуманист и промотор на Македонија, Тоше Проески.
„Поради својата младост, не остави потомство. Но, со несебичноста и хуманоста остави вечно дело. За него има место во сечие срце. Тој факт беше мојот мотив да се зафатам со сериозна творечка активност“, зборува вдахновено Тошески. Мозаикот има височина од 5 метри и широчина од 2,7 метри, а само ликот на Тоше зафаќ�� простор од 1,7 метри. „Овој споменик е полн со симболи за животот и делото на Тоше. Долу има мече, најчестиот подарок што го добиваше тој од своите фанови. Ликот на Тоше, кој се наоѓа во центарот на мозаикот, се претопува во ликот на ангелот од Курбиново, а врз нив се наоѓа музичка скала со виолински клуч, на кој се испишани годините на раѓањето и на смртта. А, на врвот на мозаикот има две цреши, меѓу кои вечно ќе гори пламенот на свеќата за нашиот Тоше“, објаснува Тошески.
Притоа најавува дека има намера да го прошири проектот. На некои од блиските пријатели на Тоше од Балканот ќе им достави покани да му испратат по едно камче на кое ќе биде испишано нивното име и текст што ќе го изрази нивното лично чувство за заедничкиот пријател.
„Сите ситни камчиња што ќе бликаат со љубов за македонската поп-икона ќе ги ставам на долниот дел од мозаик, така што солзите за Тоше нема да пресушат. Тие ќе бидат израз на нашата љубов и почит кон неговото дело, на загубата што тој не е меѓу нас, но и на божествената радост што во еден кус период телесно беше тука, а остана вечно дел од сите нас“, нагласува Тошески.
Мозаикот не е завршен, но не е ниту целосно заштитен од надворешните влијанија. Тошески вели дека му е потребен половина час за да го открие и да продолжи со работа и исто толку време за да почне со работа. Се надева дека за една година ќе го заокружи. Засега не може да каже каде ќе биде изложен мозаикот.
„Одев неколку пати во црквата во Крушево и со чекори го мерев просторот. Не знам каде би бил поставен, но за да се заштити овој труд, мора да се излие со цврста основа. Финансиски не сум моќен натаму да го реализирам проектот“, додава Тошески. Тој ги замолува сите граѓани да му дадат поддршка за да го заврши единствениот мозаик што досега е изработен со ликот на Тоше.
Секојдневни сведоци на креативноста на овој уметник - аматер се соседите што живеат во блиските згради. Љубопитни граѓани што слушнале за мозаикот доаѓаат и ја набљудуваат неговата работа и со восхит гледаат како секој ден се раѓа ликот на македонската музичка легенда.
Тошески има многубројни дела што блескаат на сите страни во неговата куќа, работилница. Визбата од куќата е вистинско уметничко дело. Тука е вечно затворената „врата на Европа“, лонгплеј-плочата на „Леб и сол“, ликот на Гоце Делчев и приказната за македонскиот синдром на самоуништување. Се' е прикажано низ виртуозната симболика на многубројните дела и композиции работени во разни техники.
„Порано, кога економските услови во државата не беа толку тешки, не продавав ниту едно од моите дела. Сега кога состојбата секој ден е се' полоша, јас сум принуден да ги продавам за да обезбедам егзистенција за моето семејство“, вели за себе Тошески.
Тој твори во различни техники, копаничарство, резба во дрво, метал, прави мозаици од мермерни камчиња, стакло, создава дела преку кои доживува катарза, изразувајќи ја својата духовна состојба. Сам се едуцира, проучувајќи ги делата на познатите уметници од светот. Негови идоли се: Модиљани и Дали, а восхитен од индивидуалистичкиот дизајн на каталонскиот архитект Гауди. Тошески е автор и на две сатирични книги: „Предизборни лигуши“ и „Од децата да си дочекате“ во кои го изразува револтот, но и резигнацијата на обичниот човек, кој е немоќен пристојно да живее во родната земја. |