Конференција
ТАКСО значајна поддршка на НВО во регионот
Хрватска е пример за финансирање, а Словенија нуди и собира искуства
Катерина Богоева
Во центарот на Скопје, спроти паркот „Жена-борец“, се наоѓа македонската Канцеларија на регионалниот проект за техничка помош на граѓанските организации ТАКСО, почнат минатата година, а финансиран од ЕУ. На организациите во земјава тој им нуди различен тип услуги, а досега, според раководителката на канцеларијата, Сунчица Саздовска, поддржал околу 300.
„Нудиме информации, совети и обука, кои имаат цел да ги градат капацитетите на организациите, да ги зајакнат, да ги направат попрофесионални и поефикасни во своето работење, а со тоа и препознаени и признаени во општеството. Во нашиот електронски центар за поддршка можат да се обратат со конкретно прашање или проблем, со кој се соочуваат во секојдневната работа, а за чие надминување им е потребна информација или совет. Најголем број од барањата се поврзани со обезбедувањето контакт- податоци за организации од други земји со кои би сакале да стапат во партнерство, како и барањата поврзани со поддршка при регистрирањето во електронската база - ПАДОР, што е предуслов за аплицирање на кое било правно лице на повици од ЕУ. Законската рамка, исто така, е област за која организациите се интересираат, од една страна поради промените воведени со новиот Закон за здруженија и фондации, но има и прашања што се однесуваат и на друга законска регулатива што ги засега, а каде што се соочуваат со недоречености токму во однос на нив“. Неодамна Канцеларијата одржа обука и во Струмица под наслов „Развој и менаџмент на проекти финансирани од ЕУ - Проектно планирање“.
За реализацијата на ТАКСО во регионот, во текот на октомври, можеше да се дознае повеќе во Загреб, каде што во рамките на проектот се одржа Првата регионална конференција посветена на системите за осигурување на квалитетот на граѓанските организации во земјите, корисници на претпристапната помош на ЕУ.
Според Горан Ѓуровиќ, шеф на канцеларијата на ТАКСО во Црна Гора, досега услугите на проектот во таа земја ги корист��ле околу 600 граѓански организации.
„Реализиран е и еден проект со колегите од Албанија за гранично партнерство за да се олесни пристапот до фондовите на ЕУ. Граѓанските организации во Црна Гора се ниво на развој што е сличен како и во другите земји во регионот, веројатно малку зад Хрватска, бидејќи во неа системот на финансирање на организациите од страна на јавните фондови е најдобар во регионот. А тоа е една од препреките што би можеле да ги решаваме како земји. Треба да се знае фактот дека ниту ЕУ, а во значајна мерка ниту владите, ниту локалните власти во земјите на регионот, не вложувале средства во развој на капацитетот на граѓанското општество, а ТАКСО е насочен кон помалку развиените организации, со желба да се зголеми бројот на оние што во иднина треба да бидат основа на виталното граѓанско општество во сите земји на регионот“.
Тој потенцираше дека во Црна Гора се' уште не се развиени филантропијата и концептот на општествено одговорно работење и не се препознава потребата од постоење активни граѓани на локално ниво и на ниво на цела земја. „Тоа е поврзано со политичката волја и, за жал, постојат многу мали придвижувања во изминатите неколку години“.
Иако Словенија како членка на ЕУ не е дел од проектот ТАКСО, сепак, Тина Дивјак од Информативниот сервисен центар од таа земја на собирот прибираше искуства од државите на Балканот, но и им ги пренесуваше словенечките искуства и модели.
„Од Балканот собираме одредени практики на соработка меѓу НВО и владите, она што е многу развиено во Хрватска каде што постојат и некои нови идеи околу механизмите за финансирање на НВО. Таквите искуства сакаме да ги пренесеме во Словенија, а еден од нашите главни продукти, кои им го пренесуваме на другите држави, е стандардот за осигурување на квалитетот. Го имаме и нашиот автентичен модел ’Огледало на владата‘, кој подразбира сеопфатен мониторинг, вклучување на НВО во законодавниот процес. Според нашите досегашни искуства, многу е важно да си член на европските НВО-мрежи, бидејќи таму се сите стари земји, но и новите членки на ЕУ и разговараат и за развојот на граѓанското општество, а може многу да се научи. Размената на искуства е многу модерна во еврозоната“.
Спомнуваниот успешен модел на соработка на владата на Хрватска со граѓанските организации стартувал во 2002 година, кога владата ја децентрализирала финансиската поддршка кон нив. „Таа година е донесен и нов Закон за игрите на среќа, според кој, 50 проценти од средствата одат за граѓанските организации. Тогаш владата основаше и совет за развој на граѓанското општество како свое советодавно тело. Постојната Канцеларија за граѓански организации, всушност, е стручна потпора на дејствувањето на советот, а освен неа, владата основа и национална фондација за развој на граѓанското општество што дејствува од 2004 година. За организациите тоа е важна потпора, пред се', во финансиска смисла, но и во однос на стручната помош на теренот во облик на мрежи што даваат стручна поддршка во нивното дејствување.
Ги следиме искуствата од светот, но слушаме што има да каже и цивилниот сектор. До овој наш модел дојдовме токму преку соработката меѓу јавниот и цивилниот сектор, што секогаш ја надградуваме. Тој е пример што може и натаму да се развива. Неколку години го следиме доделувањето финансиска поддршка на граѓанските организации, бидејќи тоа е еден од најочигледните облици на соработка меѓу јавниот и цивилниот сектор. Утврдивме дека две третини од средствата што им се доделуваат се од регионални и од локални извори, а само една третина е од државниот буџет, што е интересно за набљудување“, изјави Весна Лендиќ-Касало, раководителка на Канцеларијата за граѓански организации при владата на Хрватска, во разговорот воден во Загреб. |