Интервју
Сообраќајот ми е главен приоритет
Коце Трајановски, градоначалник на Скопје
Трамвајот не е работа што сме ја оставиле настрана, туку, напротив, тоа е скап проект, чини од 150 до 200 милиони евра
Деспина Трајковска Билјана Ангеловска
Денеска е празник на градот. Што Вам, како граѓанин на Скопје, Ви пречи, а имате можност како градоначалник да го решите?
Има многу работи што сме ги поставиле како задача во почетокот на мојот мандат, а, практично, беа и приоритети за кои беа консултирани и граѓаните на Скопје. Тоа се: комуналната хигиена, сообраќајот, Генералниот урбанистички план, инфраструктурата, а потоа и сите други, како што се културата, спортот, образованието... Најголем приоритет за кој се потребни и најголеми финансиски средства се сообраќајот и хигиената. Се надевам дека хигиената ќе ја решиме следната година. Вредноста на тие инвестиции е пет милиони евра. Од моето доаѓање е инвестирано во опрема, камиони и во индивидуални канти од 120 литри. Некаде во март очекуваме да имаме 40 нови камиони и околу 50-60 илјади канти. Притоа се опфатени и руралните региони. Oд март очекуваме градот да има многу подобра комунална хигиена отколку што ја имаше кога дојдов за градоначалник.
Што се однесува до сообраќајот, ние посветуваме најголем дел од нашето време. Има неколку аспекти за да се подобри сообраќајот. Прво, изградба на побрзи и попроточни сообраќајници. Во тој правец ја направивме „Илинденска“, се работи булеварот „Србија“, која ќе биде готова до крајот на годината. Следната година ќе почнеме со булеварот „Теодосие Гологанов“, со изградба на кружен тек кај Католичка црква. Тоа ќе биде зафат на потегот од Домот на печатот или од АМСМ, па се' до Студентскиот дом „Гоце Делчев“. Четвртиот булевар ќе биде „Првомајска“ од рампата во Кисела Вода до Расадник. За тоа ќе се обезбедат пари од ЕБРД. Нивни претставници се моментално тука, ја испитуваат состојбата и прават извештаи. Се надеваме дека кредитот ќе стане оперативен некаде во март, така што, оптимистички, би сакале да го почнеме проектот некаде во јуни, а песимистички, во август или во септември. Покрај овие булевари, правиме и други што значат одредени алтернативи во одредени влезови во Скопје. Го проектираме влезот кај „Агросервис“, уште еден од „Благоја Стевковски“ во Маџари.
Кога мислите да го реализирате тоа?
Тоа, најверојатно, ќе се остави за во 2012 година. Почнуваме со проектирање на раскрсници на две нивоа. И тоа е она вистинско решение, навистина малку поскапо, но ќе придонесе за зголемување на проточноста. И на крајот, треба да ги искористиме сите можности и средства за што помалку да се употребуваат автомобили во Скопје, а тоа може да се направи ако имаме добар јавен превоз. Добар јавен превоз нема да имаме се' додека не стигнат новите автобуси. Откако ќе стигнат, ќе имаме и нов систем на автоматско контролирање на автобусите. Тоа значи дека граѓаните ќе купуваат еден билет од Градот Скопје и со него ќе можат да се возат и со ЈСП и со другите приватни превозници, а ние ќе им наплаќаме на превозниците по изминат километар врз основа на распоред што ќе им го даваме. Тука сигурно ќе мора да се реши и проблемот со таксистите.
Може ли милионски град да има добар јавен превоз без трамвај? Се откажавте ли од тој проект?
Имаме направено тендер за консултант. Консултантот веќе работи на студија за економската исплатливост и ја подготвува тендерската документација и анимира заинтересирани концесионери. Во мај или во јуни треба да го распишеме тендерот за концесионер за трамвај. Има многу заинтересирани што сакаат да влезат во оваа проблематика.
Не е ли тоа дуплирање на постапката што веќе ја започна Трифун Костовски и беспотребно трошење пари за нешто што е веќе направено?
Јас ништо не дуплирам од она што го направил господинот Костовски. Тој направи едни проект-линии за трамвај од депото во Ново Лисиче некаде до парламентот, меѓутоа, воопшто не беше финансиски издржан. И беше правен на крајот од својот мандат кога може да се почнат 300 работи, а друг да ги заврши. Јас се консултирав комплетно со службите и се' додека не направиме финансиска конструкција, нема да го почнеме трамвајот. Тоа се многу пари. Според мене, од 150 до 200 милиони евра. Ако го почнеш тоа со буџет од четири до пет милиони евра, е смешна работа.
Зошто не се обратите до Владата за да Ве поддржи финансиски околу трамвајот?
За 200 милиони евра?
Но, „Скопје 2014“ чини толку, па и повеќе... Што им е поважно и понеопходно на граѓаните?
Не е точно дека толку чини „Скопје 2014“. Важно е граѓаните да добијат трамвај за таа цена што е. Многу проекти се прават со јавно приватно партнерство. Зошто да вложуваш свои пари, ако можеш со јавно приватно партнерство. Како и да е, трамвајот не е работа што сме ја оставиле настрана, туку, напротив, според програмата, си ја бркаме таа работа.
Што се случи со подземните премини, дали ќе се откажете од нив?
Не се откажуваме. Проблемот настана поради многубројните подземни инсталации што не' попречуваат во реализацијата. Ние немаме подземен катастар, за жал. Сега ќе го почнеме да го правиме подземниот катастар. На пример, околу „Карпошово востание“работите стојат три месеци бидејќи не го знаеме подз��мниот катастар. Има огромни водови, чие преместување чини страшни пари. Затоа Градот Скопје ќе си ја преземе обврската да изработи подземен катастар, што е многу голема и обемна работа. Но, подземните премини ќе ги направиме. Ги проектираме на неколку места и се надевам дека во 2011 година ќе имаме макар еден подземен премин.
Кога ќе почне да се гради „Јужен булевар“?
Изградбата на „Јужен булевар“ нема да почне во 2011 година, размислуваме за 2012 година доколку можеме. „Јужен булевар“ е многу голема и многу скапа работа. Со изградбата на овие алтернативи сметам дека ќе се добие едно добро растоварување на сообраќајот. Инаку, за „Јужен булевар“ јас поддржувам зад „Рамстор“ над булеварот да има деловни објекти, а тие што ќе ги градат, да го изградат и подземниот булевар. Бидејќи, според грубите пресметки „Јужен булевар“ чини околу 50 милиони евра.
Тоа и не е многу голема сума за таков проект за да се одлага неговата реализација!
Ако ги направиме „Илинденска“, „Партизански одреди“, „Теодосие Гологанов“, тогаш добиваме добро растоварување на сообраќајот. Практично, „Теодосие Гологанов“ ќе биде некоја алтернатива на „Јужен булевар“. Разликата меѓу нив е во тоа што „Јужен булевар“ е брза сообраќајница и таа ќе биде спуштена.
Дали Градот беше консултиран за „Скопје 2014“, од кој аспект?
Не знам зошто би требало да бидеме консултирани. За оној дел што треба да сме консултирани, ние сме консултирани. Нас не' консултираат кога се донесува ГУП, ние даваме согласности и мислење по ДУП и сме го дале тоа мислење. Мислам дека уште поодамна биле ставени и скулптурите, не сите, тие објекти биле во ДУП. Практично, ние гледаме дали ДУП се коси со ГУП.
Дали и кога конечно ќе и' ги покажете на јавноста новите огради на мостовите и стилските фасади во центарот за кои се завршени сите постапки и нема причина да ги криете?
Околу тоа што Градот Скопје прави за фасадите и за мостовите, ќе покажеме кога ќе дојде време. И тоа во моментот кога ќе стартуваме со теренска работа, по Нова година.
Што е со гасификацијата на Скопје. Формиравте и наменско ЈП, но се' уште нема ни трага ни глас од проектот?
Со Министерството со транспорт и врски ќе ја интензивираме соработката затоа што тие прават студија за гасификацијата на државно ниво. Мислам дека веќе е остварена комуникација со неколку фирми од Турција, Хрватска и од Германија. Ние ги правиме тие сондажи и анализи заедно со нив. Инаку, планирам идната година да ги расчистиме дилемите околу функционирањето на јавното претпријатие што го формираме. Тоа сега е акционерско друштво во кое акционери се советниците, нема финансиска конструкција, нема економска исплатливост, тоа треба да добива пари од буџетот на Град Скопје, а, всушност, би требало да биде самоиздржливо.
Речиси за сите капитални проекти земате кредити. Ќе оставите ли да ги отплаќа Вашиот наследник или алудирате втор пат да седнете во градоначалничката фотелја на Скопје?
Многу вулгарно е да се каже дека земате кредити за некој друг да ви ги отплаќа. Кога се зема кредит, многу е значајно да се види способноста за отплата без поголеми финансиски проблеми. Ние законски сме ограничени колку процентуално можеме да се задолжиме. Моето задолжување додека сум јас градоначалник на Скопје е во рамките на законот и во рамките на нашите можности, така што нема проблеми со отплатата на тие кредити. Воопшто не мислиме да го блокираме Градот поради тоа што не е ниту коректно, ниту професионално да се направи тоа. Целта е на Градот Скопје да му остане развојната компонента и покрај отплата на ратите на кредитите. А што се однесува до втор мандат, има доста време да размислувам во таа насока. Важно е јас сега да ја завршам задачата што сум ја поставил пред мене и пред граѓаните.
Oставате впечаток дека Општинатa Аеродром е на врвот на Вашата агенда?
Навидум изгледа така. Меѓутоа, верувајте дека не можете секогаш во иста година истовремено да реализирате неколку проекти. Во Кисела Вода оваа година ја саниравме „Првомајска“, како и „Иван Козаров“, иако е општинска улица. Во тој дел ќе продолжиме со работа и во следната година. Ќе се инвестираат повеќе од 3 милиони евра за проширување на „Првомајска“. Со Општина Бутел веќе работиме на булеварско решение на „Босна и Херцеговина“. Пробивање на „Христијан Тодоровски-Карпош“ до обиколницата е еден од клучните проекти за Бутел, кој ќе го работиме заеднички. Исто така, има��е во план кружни текови на „Бутелска“, на „Александар Урдаревски“... Она, пак, што го работиме во Општина Аеродром се должи и на потребата, но и атрактивноста на реонот, таа ги привлекува инвеститорите и тоа нас како Град Скопје не' принудува да го следиме.
|