„Италијанска работа“ за Англичаните!
Во осминафиналето од ЛШ ќе се судрат Јунајтед - Интер, Арсенал - Рома, Челзи - Јуве, а Ливерпул ќе игра против Реал М.
Наум Котевски
„Италијан џоб“ или „Италијанска работа“ е насловот на филмот на Гери Греј со Шарлиз Терон, Едвард Нортон, Доналд Сатерленд во главните улоги, кој ќе мора да го погледнат, ако веќе не го направиле тоа, англиските гиганти Челзи, Манчестер јунајтед, Арсенал. Па и да не им се допадне приказната за ограбувачите на злато во Венеција и меѓусебните бркања со британската автомобилска гордост „мини морис (купер)“ по улиците од Лондон до Торино, сигурно ќе падната на шармот на насловот, кој совршено одговара на вчерашната ждрепка за осминафиналето од Лигата на шампионите во Нион.
Имено, тешко е да се присети човек кога последен пат танцот на топчињата донел поспектакуларни три англиско - италијански пресметки - Интер - Манчестер Ј., Арсенал - Рома, Челзи - Јувентус. Не помалку интересен е и мечот на четвртиот англиски претставник Ливерпул, кој ќе се судри со Реал Мадрид. Оттука повеќе од лесно е да се претпостави дека на англиските клубови ќе им биде повеќе од тешко да го повторат успехот од минатите две сезони, кога дури три екипи беа дел од полуфиналето.
Посочените натпревари практично ќе донесат и враќање во Англија на три тренери, кои неславно го завршија престојот таму. Поточно на тренерот на Интер Жозе Мурињо, кој го водеше Челзи, на првиот човек на клупата на Реал М. Хуанде Рамос, кој дојде во Мадрид од Тотенхем, како и на стратегот на Јувентус Клаудио Раниери, кој исто така беше станар на „Стемфорд Бриџ“ (сега токму таму доаѓа како „непожелен гостин“).
Како и да е, претставникот на Интер во Нион, директорот Ернесто Паолило, тврди дека Мурињо го посакувал Јунајтед и судирот со Алекс Фергусон: „Го сакаше Јунајтед и го доби. Мислам дека секој клуб е најмногу мотивиран да го победи Манчестер. Тие се европски прваци и ако успееме да ги победиме, мислам дека може да отидеме до крајот. Знаеме како да триумфираме и против најсилните противници, а плус го имаме и Мурињо“, посочи Поалило.
Директорот за комуникации на Јунајтед Фил Тоунсенд се присети на март 2004 година, кога во истата фаза Мурињо како тенер на Порто го елиминираше Јунајтед, благодарејќи на израмнувачкиот гол во последната минута на Коштиња. „Да Жозе не има елиминирано, но ние го елиминиравме Интер во 1999 година, кога бевме шампиони. Можеби ова навестува пак среќни моменти за нас“.
Ливерпул и Реал М. се имаат сретнато еднаш, кога во финалето во Париз 1981 година триумфираа Англичаните. Директорот на деветкратниот европски шампион Реал М., Хозе Луис Лопез Серано, кажа дека тоа ќе биде одлична претстава: „Имаме одличен однос со Ливерпул. Ќе биде тешко, но исто така и за нив. Сите во клубот се надеваме дека до тој натпреавр во февруари ќе се опорават неколку наши фудбалери, кои ни се неопходни за успех“, потенцира Серано.
Јувентус, пак, се надева дека ќе го искористи, како што кажавме, искуството на Раниери во работата со Челзи: „За него овој меч е малку поразличен отколку за нас. Но мислам дека одмазда не е вистинскиот збор, бидејќи Раниери имаше поддршка од навивачите и кога замина од тој клуб. Верувам дека и сега ќе му аплудираат. Тој знае многу фудбалери на Челзи, па треба тоа да го искорсити“, вели спортскиот директор на Јуве, Алесио Секо.
|