На прва топка
Фудбалски земјотреси во Македонија
Фарко Шакири
Главна спортска вест изминатава недела беше дефинитвната одлука на семејството Костовски да се откаже од ФК Вардар, па така нашиот најтрофеен фудбалски колектив во моментов повторно се наоѓа во неприродна состојба. Наместо кон своето устие, Вардар тече во обратна насока, немилосрдно ја пие сопствената вода и е на добар пат да го снема од спортската карта на Македонија. Главни актери во последната битка за исцрпување на Вардар и негово претворање во загаден жабурнак, не се никои други, туку тие и никои други - „Комитите“. Поданиците на седумтемина величествени „баритон -гласа“ кои шупелка во клупското Собрание, легендарните бунтовници од „Западна“ на Градски, финалето од операта „Смртта на Вардар“ ја имаа на планинскиот преслап Стража. Хорски го демолираа „црвен-црниот“ автобус незадоволни од ремито на вардарци против кичевски Напредок. Значи, западните маргиналци се' зедоа во свои раце и на свој начин ги манифестираат своите фрустрации. За оваа маргинална група и нивниот ментален склоп, како и за нивната немоќ да се идентификуваат во општеството, дебатирале и социолози, и психолози и психијатри, консултиран е и Сигмунд Фројд, но бадијала. Се' тече се' се менува само „Комитите“ трчаат во место. Важно ја остварија целта – го избркаа Трифун Костовски. Последните информации од „трагачите по возбуди“ (органите на МВР) велат дека „хероите од Стража“ интензивно се бараат, но во интерес на истрагата не се изнесуваат никакви информации! Во меѓувреме, главен во Вардар повторно е Орце Камчев (и тој во Собранието има седум гласа). Најави спас на националната спортска институција број еден во државата. „Има многу заинтересирани да инвестираат во Вардар“, изјави тој во стилот на Виктор Мизо, директорот на Агенцијата за странски инвестиции, кој се пофали со контакти со 5.000 субјекти со кои се потпишани два меморандума за соработка! Добро е што не е еден, па да се шпекулира со фаворизација на некоја фирма.
Минатата недела не' стресе уште еден фудбалски земјотрес, но со епицентар во Кратово. Имено, генералниот директор на ФК Силекс, Добре Иванов, јавно објави крај на неговата долгогод��шна врска со ФФМ. Кратовскиот „Џо д’ Пламер“ не е задоволен од односот со фудбалската влада, а за валканиот веш од таа врска ќе следува дополнително соопштение. За тоа кој кого изневерувал, допрва ќе треба да дознаеме. Дотогаш Иванов со ФФМ ќе општи преку државните органи, ем посредно и поздраво.
Неговиот шеф Љубисав Иванов – Ѕинго, по се' изгледа, нема многу време да му се посвети на своето фудбалско милениче. Моментално тој има проблеми со тракторите од јапонската донација кои треба да го ораат кратовското земјиште. Сепак, за да се избори за новата спортска дисциплина „трка на трактори околу Кратово“ и „прв мотокултиватор во градот“, во рововска битка треба да го совлада Велија Рамковски, кој пак, има проблеми со увоз на доматно пире. Имено, газдата на А1 телевизија сака да воведе натпревар во производство на кечап, а на тој пат му стојат домашните производители на доматно пире, како и телевизија Сител. И се' така во круг и кон целта - контрола на една доходовна гранка - земјоделството.
Се разбира, битката ја водат новинарите на гореспоменатите електронски медиуми кои од газдите се третирани како орудие за владеење, пропагандна машинерија која е контролирана и манипулирана, а сето тоа е во финансискиот интерес на нивните сопственици. Доволна е само оваа површна инвентура за состојбите во спортот и медиумите за да се согласиме со заклучокот кој новинарската фела ја третира како интелектуална проститутка во однос на нејзините слободи, релациите со политичките партии, како и критикување на власта, како основа на демократијата во едно општество. |