„Веселите жени од Виндзор“, премиера во Велешки театар
ВЕЛЕС - Вечерва на сцената на Велешкиот театар „Јордан Хаџи- Константинов Џинот“ во 19,30 часот, ќе се одржи премиерата на претставата „Веселите жени од Виндзор“ по текст на Вилијам Шекспир, а во режија на Александар Ивановски.
Дејството на претставата е сместено во 70-тите години на минатиот век во Англија и го прикажува судирот на средната со повисоките класи. „Ова е мој прв Шекспир кој го работам и за мене беше голем предизвик, зашто секој има некакви очекувања од Шекспир. Концептот беше фокусиран да се рашири спектарот и да се раскаже претставата“, вели режисерот Ивановски. „Покрај мешавината на класната димензија, тука е поставена и атмосферата која што владее во средновековна Англија, а која ние се обидуваме да ја пренесеме поблиску до нас, барајќи некој пандан во текстот“, додава Ивановски. Ова е еден од ретките текстови на Шекспир кој не е напишан за благородници, туку за луѓе од средната класа.
Актерите премиерата ја подготвувале два месеци. „Беше напорно и оваа претстава за нас беше голем залак, но се надеваме дека ќе направиме успешна премиера“, вели актерот Љубе Терзиев кој го игра Фалстаф, ликот кој е стожер на претставата. Освен Терзиев, актерската екипа ја сочинуваат уште петнаесет актери од кои двајца се гости од театарот од Штип.
„Веселите жени од Виндзор“ ќе биде последна премиера во Велешкиот театар за годинава. Пред почетокот на претставата, ќе биде поставена шестата по ред изложба на Крсте Џидров, насловена „Театарски плакати 1982 -2007“, во која авторот прави пресек на неговиот 25 годишен труд кој се појавил како нус производ при работата во театарот. (С.Ќ.Н.) |