Преводот на Библијата во секоја национална култура е важна работа
Во рамките на манифестацијата „2008-Година на македонскиот јазик“, вчера во просториите Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ се одржа трибина на тема: „Македонскиот јазик во современиот превод на Библијата“.
На трибината со свои излагања учествуваа проф. д-р. Ѓорги Поп-Атанасов, кој се осврна на темата „Белешки кон јазикот на македонскиот превод на Библијата“ (Гавриловиот превод и ревидираната верзија), а проф. д-р Ацо Гиревски, говореше за „Употребата на македонскиот јазик во Црквата“. Д-р Лилјана Макаријоска, во својата реч посветена на „Македонскиот јазик во изданијата на МПЦ“, меѓу другото рече: „Преводот на Библијата во секоја национална култура е важна и макотрпна работа која отвора и теолошки и јазични проблеми, а го претставува и односот на народот кон религијата, кон сопствениот јазик и традиционалната култура како најголеми духовни вредности. Целта на библискиот превод, продолжи Макаријоска, е непосредно со развојот на јазикот, да се осовремени преводот за полесно разбирање на содржината, па така и вклучувањето на македонскиот превод на Библијата во богослужбата се должи на заложбата за примена на македонскиот јазик во богослужбите и во црковната администрација. Односот на МПЦ кон македонскиот јазик, согледан и во изданијата, јасно ја потврдува свеста дека јазикот е непроценливо важен за историската и духовната судбина на православието на нашиве простори, а судбината на нашиот народ, на нашиот јазик низ вековите била и судбина на Црквата. Затоа да си ги чуваме нашата Света македонска православна црква, нашиот македонски јазик, нашето македонско име, зашто без нив нема ништо да бидеме.“ (Н.П.) |