Франција и Германија ќе се обединат преку музика
Утревечер во Домот на АРМ концерт ќе одржи Симфонискиот оркестар на ММЕ
„Концерт на европска музика“ е насловот на концертот кој утревечер во Домот на АРМ во 20 часот, ќе го одржат Симфонискиот оркестар на ММЕ (Macedonian Music and Entertainment) и хорот „Св. Климент Охридски“, под диригентство на маестро Оливие Дежур од Франција. Концертот се одржува по повод 15 години од признавањето на Македонија од страна на 11 европски држави, но и по повод претстојните божиќни празници. Ќе бидат изведени првата кантата од Божикниот ораториум на Јохан Себастијан Бах и првиот дел од симфониското дело „Детството на Исус Христос“ од Хектор Берлиоз. Солисти на концертот се Александар Кноп, баритон од Германија, Орнела Пратези, сопран од Италија и македонските пејачи, тенорот Дејан Стоев и басот Невен Силјановски. Концертот се одржува во соработка со амбасадата на Франција, Францускиот културен центар од Скопје, Амбасадата на Италија и Гете институтот.
„Посебна причина да се организира овој настан е да се зацврсти француско-германската соработка, особено на културен план, преку еден млад оркестар полн со талентирани музичари, со концерт на кој учествуваат уметници од различни земји. Министерството за надворешни работи не покани по тој повод, да реализираме културна програма. Учесниците на концертот се дел од тие 11 земји кои ја признаа Македонија“, рече на вчерашната прес-конференција Јохан Урес, директорот на Францускиот културен центар, на чија изјава се надоврза и Томас Дикхаус, директор на Гете институтот, истакнувајќи го задоволството што токму ваков концерт ќе ја продолжи германско-француската соработка, а што не било вообичаено порано. „Секоја земја со своите соседи имала недоразбирања и проблеми, но сега во нашиот случај тоа е решено. Се сеќавам порано кога бев млад и кога одев во Франција, имав непријатни искуства, иако во 1963 година беше потпишан договорот за француско-германско пријателство. Но, сето ова е доказ дека не треба, особено културата, да потпаѓа под влијание на политиката“.
Диригентот Оливие Дежур потенцираше дека идејата за овој проект била да се одберат дела посветени на Божиќ, но во истовреме токму преку композиторите, да се обединат Франција и ��ерманија. „Делата на Бах и Берлиоз даваат сосема поинаков поглед на Божиќ, но и поглед на два различни народи, на различни истории“, рече Дежур. На прашањето, зошто на овој концерт не е содржано ниту едно македонско дело, диригентот рече дека Македонија е претставена со самото тоа што оркестарот и дел од солистите се македонски музичари. А, дека македонско дело ќе се изведе наредната година.
Инаку, оркестарот на ММЕ се формираше пред скоро две години во соработка со Македонската радио телевизија со која македонската продуцентска куќа „Ф.А.М.Е.С.“ потпиша договор за снимање на оркестарска филмска музика, опремувајќи го за таа намена студиото М1. Досега овој оркестар снимаше за потребите на неколку филмски компании од Европа и од САД. Оркестарот е составен од македонски музичари, членови на Македонската филхармонија, Македонската опера и студенти. Менаџерката на проектот „Ф.А.М.Е.С.“, Од Насије Мопа од Франција, смета дека оваа активност во Македонија претставува отворање кон светот на културен план, односно остатокот од светот да се запознае со Македонија и македонските музичари.
Влезот за утрешниот концерт е бесплатен. (Т.И.) |