09.12.2008, 17:09 Вечерва се отвора обновената национална поставка
Томе Серафимовски и ги подари делата „Пресвета Богородица“, „Исус Христос“ и „Св. Апостол Павле“ на Националната галерија
Во Даут-пашиниот амам ќе биде прикажан и документарниот филм „Светот на уметноста“
Катерина Богоева
Централната манифестација во одбележувањето на 60 - годишнината од постоењето на Националната галерија на Македонија, вечерва во 20 часот, во Даут пашиниот амам ќе биде отворена, наместо од покровителот, премиерот Никола Груевски, од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, а на свеченоста на која се очекува да присуствуваат поголем број гости, покрај настапот на оперскиот пејач Борис Трајанов, музичката група „Баклава“ и квартетот „Еквилибриум“, ќе биде презентиран и пригодно изработениот документарен филм „Светот на уметноста“ во режија на Александар Спасоски.
Во филмот се користени материјали од архивите на Кинотека, Македонската телевизија и весникот „Нова Македонија“, а истиот во ДВД издание, на публиката ќе и биде достапен, со македонско-англиски превод како водич низ поставката која, осум години по нејзиното отворање, брои околу 200 дела на реномирани автори.
Вчера, во присуство на авторот, филмот заедно со изработениот спот, беше претставен на прес-конференција во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, на која директорката на Националната галерија, Маја Крстевска, укажа на значењето на јубилејот на една од најстарите институции од овој тип во земјава, што одигра огромна улога во развојот на македонската современа уметност.
„Тука, секој посетител, лаик или познавач на уметноста, може да го забележи сето она што се творело на нашето поднебје, во периодот од 14 до 21 век, од средновековието преку основоположничката генерација на современото македонско сликарство, се до најсовремените текови на сите ликовни дисциплини“, вели Крстевска.
До крајот на годината, иако беше очекувано, нема да биде отворен Музејот на Лазар Личеноски, сместен во неговата куќа на кејот на Вардар во центарот на Скопје, што Националната галерија ја доби како подарок од семејството на големиот ликовен мајстор. До крајот на месецов ќе бидат отворени уште три изложби во останатите галериски простори, Чифте амам и Мултимедијалниот центар „Мала станица“, кои ќе понудат своевиден пресек на современото ликовно творештво од втората половина на минатиот век до денес. (К.Б.) |