10.05.2012, 19:24 Минимална победа на надежите над Северна Ирска
Стрелец на голот беше Јани Урдинов од пенал во 83. минута, а извонредно деби во оваа селекција имаше 18-годишниот Давид Бабунски, фудбалер од подмладокот на Барселона.
Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година ја совлада соодветната селекција на Северна Ирска со 1:0 и се искачи на делба на второто место во квалификациите за ЕП 2013.
Стрелец на голот беше Јани Урдинов од пенал во 83.минута од средбата, а извонредно деби во оваа селекција имаше 18-годишниот Давид Бабунски, фудбалер од подмладокот на Барселона. Тој влезе во второто полувреме и го покажа својот раскошен потенцијал. За него треба да размислува и Џон Тошак. Македонија нема играч со таков технички капацитет ниту меѓу сениорите.
Во првото полувреме Македонија беше подобар противник, но без сериозни шанси за загрозување на гостинскиот гол. Северна Ирска ги чекаше своите шанси од контра напади, но беше опасна и од прекини.
На почетокот од второто полувреме, Бабунски направи неколку тактични измени, вклучувајќи го и префрлувањето на Стефан Ристовски на левата страна на теренот. Само по минута игра во второто полувреме, Ристовски ја имаше најдобрата шанса за водство, но промаши.
Седум минути подоцна, судијата Давит Каритонашвили покажа на белата точка откако еден од гостинските дефанзивци играше со рака во сопствениот шеснаесетник. Но, Илија Несторовски промаши од белата точка, па резултатот остана непроменет.
Неколку минути подоцна, Давид Бабунски влезе во игра и го имаше своето деби за селекцијата до 21 година. Бабунски внесе креативност во средниот ред која беше многу потребна во тој период од натпреварот.
Во игра влезе и Алтипармаковски на местото од Фазли, но тука немаше промена во формацијата, сепак со влегувањето на Тимов на местото од Брдаровски, нашата репрезентација фрли се на напад.
Офанзивната игра резултираше со нов пенал за Македонија. Бабунски испрати една одлична топка за Хасани кој беше фаулиран во шеснаесетникот, Грузискиот судија покажа на белата точка. Јани Урдинов ја превзема одговорноста и успешно го изведе пеналот за водство од 1:0.
Гостите тргнаа поофанзивно, но немоќта создаваше и нервоза. Тоа го чинеше фудбалерот на Њукасл, Фергусон црвен картон.
Со овие два бода, Македонија е на делба на второто место со Данска со 8 бода, Србија е прва со 11 бода, но и натпревар повеќе. (С.Д.)
|