11.05.2012, 12:28 Шојбле: Еврозоната може да го поддржи излезот на Грција
Еврозоната би можела да го поддржи евентуалниот излез на Грција, изјави германскиот министер за финансии Вофганг Шојбле.
- Сакаме Грција да остане во еврозоната. Таа исто така треба тоа да го сака и да ги исполнува своите обврски. Ние не можеме со сила тоа да го бараме од никого. Европа не потонува толку лесно, одговори Шојбле на прашањето дали еврозоната би го поддржала напуштањето на Грција.
Според него, еврозоната е подобро „вооружена“ отколку пред две години.
- Во текот на овие две години научивме многу и изградивме заштитни механизми. Опасноста од ширењето на кризата и во други земји од еврозоната се намали и монетарната унија целосно стана поиздржлива, нагласи германскиот министер.
Шојбле додаде дека „кризата покажала кога треба да се дејствува брзо, Европа може да реагира брзо“.
- Претставата дека ние нема да бидеме способни да реагираме на краткорочен план пред нешто непредвидено е погрешна, истакна Шојбле.
|