10.05.2012, 13:41 „Елвис“ на Ворхол продадена за 37 милиони долари
„Девојката која спие“ на Лихтенштајн, слика на жена со затворени очи и костенлива коса, е продадена за 44.882.500 долари
Сликата на Енди Ворхол „Двоен Елвис“ продадена е за 37 милиони долари на аукција во Њујорк, а делата на Рој Лихтенштајн и на кинескиот дисидент Ај Вејвеј ги соборија сопствените рекорди на аукцијата на дела на современата уметност во „Сотби“.
„Девојката која спие“ на Лихтенштајн, слика на жена со затворени очи и костенлива коса, е продадена за 44.882.500 долари, додека порцеланската слика „Семки на сончоглед“ на Вејвеј, тешка еден тон, е продадена за 782.500 долари.
Минатата недела, аукциската куќа ја продаде „Крик“ на Едвард Мунк за 119,9 милиони долари, правејќи од него најскапо уметничко дело некогаш продадено на аукција.
Портретот „Елвис Присли“ на Ворхол е проценет од 30 до 50 милиони долари и прв е „Двоен Елвис“ што се појави на пазарите од 1995 година.
Рекорд за еден Ворхол е 71,7 милиони долари за сликата „Зелена сообраќајна несреќа - зелен автомобил во пламен I“, што во 2007 година беше продадена во Кристи.
„Девојка“ на Лихтенштајн е една во серијата секси стрип слики што уметникот ја работел во текот на 1960-тите години. Делото е само еднаш изложено во Музејот на современа уметност во Лос Анџелес во 1989-90 година и на продажба ја ставија колекционерите Битрис и Филип Герш.
|